Претставници на американското Министерство за одбрана ја проучуваат можноста за повлекување на 10.000 американски војници од Источна Европа, објави денеска американската телевизиска мрежа „Ен-Би-Си“.
Таквата одлука може да предизвика загриженост за земјите блиски до Русија.
Американската телевизија цитираше шест американски и европски функционери информирани за потегот, наведувајќи дека станува збор за околу 20.000 војници распоредени од претходната администрација на Џозеф Бајден во 2022 година за зајакнување на одбраната на земјите кои граничат со Украина по почетокот на руската инвазија.
Засега не е познат точниот број на војници кои треба да бидат повлечени, но има предлог тој да биде околу 10.000.
Можноста за повлекување на американските сили од Европа е главен извор на загриженост за многу земји на стариот континент, бидејќи тие сметаат дека нивното присуство е многу силна гаранција за безбедноста од руската закана, особено во Полска, Романија и балтичките земји.
Прашањето стана уште почувствително со доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа и неговите постојани вербални напади врз НАТО и европските земји, кои тој ги обвинува дека не преземаат одговорност за сопствената заштита.
Веста за можното повлекување доаѓа додека американскиот претседател се обидува да ги убеди Москва и Киев да се согласат на прекин на огнот, додека многу набљудувачи и земји од Европската унија стравуваат дека Трамп е премногу попустлив кон Москва.
Присуството на американски трупи во поранешните комунистички земји за време на Студената војна е голема спорна точка за Москва, која тврди дека се чувствува загрозена од распоредувањето.