Пекинг му одговори на Трамп за најавата дека ќе воведе дополнителни царини за Кина: „Никој нема да победи во трговската војна“

60
EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Кинеската амбасада во Вашингтон во понеделникот соопшти дека „ниту САД, ниту Кина нема да победат во трговската војна“. Ова е реакцијата на Пекинг на заканата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да воведе дополнителни царини од десет отсто за целиот кинески увоз кога ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, пишува Ројтерс.

„Во врска со американските царини за Кина, Кина верува дека економската и трговската соработка меѓу Кина и САД е заемна корисна“, изјави портпаролот на кинеската амбасада Лиу Пенгју.

„Никој нема да победи во трговската или тарифната војна“, рече тој.

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп најави дека ќе воведе огромни нови царини за производи од Мексико, Канада и Кина штом ќе ја преземе функцијата, како дел од напорите за сузбивање на илегалната имиграција и трговијата со дрога.

Трамп на социјалната мрежа Truth Social напиша дека на 20 јануари ќе ги потпише сите потребни документи за воведување царина од 25 отсто за сите производи од Мексико и Канада што се увезуваат во САД и царина од 10 отсто за производите од Кина.

Тој додаде дека новите царини ќе останат во сила „додека не се искорени дрогата, особено фентанилот“, како и илегалните имигранти.

ИЗДВОЕНИ