Кина останува отворена за преговори со американскиот претседател Доналд Трамп, но ќе продолжи да ги брани своите интереси, соопшти официјален Пекинг. Кинеското МНР објави дека Кина ги повикала САД „да се најдат на половина пат“, иако и самата е подготвена „да се бори до крај“.
– Вратата за дијалог е отворена, но тој мора да се заснова на меѓусебно почитување и да се води на еднаков начин, изјави портпаролката на Министерството за трговија на Кина.
Некои медиуми претходно јавија дека кинеските лидери ќе се состанат подоцна во текот на денот за да разговараат за дополнителни стимулативни мерки за зајакнување на економијата.
Вчера, и Канцеларијата за информации на Државниот совет на Кина објави документ со наслов „Позицијата на Кина за некои прашања во врска со економските и трговските односи меѓу Кина и САД“. Во документот, поткрепен со примери и податоци, се вели дека економските и трговските односи меѓу Кина и САД се меѓусебно корисни и вин-вин по природа и дека двете земји имаат бенефит од билатералната економска и трговска соработка.
-Трговските војни немаат победници. Кина не сака трговска војна, но кинеската влада нема да седи со скрстени раце и да дозволи легитимните права и интереси на кинескиот народ да бидат поткопани или експлоатирани. Ако САД се решени дополнително да ги ескалираат своите економски и трговски ограничувачки мерки, Кина има силна волја и широк спектар на методи да преземе решителни контрамерки и нема да има друг избор освен да се бори до крај, пишува меѓу другото во текстот.
Во документот се сугерира и дека Кина и САД можат да ги решат разликите во економските и трговските области преку Рамноправен дијалог и заемно корисна соработка.
-Кина и САД се првите две светски економии. Економската и трговската соработка меѓу двете земји е толку огромна, суштинска и широка, која вклучува толку многу играчи, што е сосема природно да постојат некои разлики. Најдобар начин за решавање на проблемите и премостување на празнините е да се бараат патишта за заемно корисна соработка преку рамноправен дијалог. Соработката меѓу Кина и САД е од клучно значење за најдобрите интереси на народите на двете земји; исто така ќе има големо влијание врз светскиот мир и развој, стои во документот од Пекинг.
Кина ги зголеми царините за американските стоки на 84 отсто, додека американските царини достигнаа 125 отсто.
Кинеските државни фондови веќе се распоредени за купување акции за да се стабилизира нејзината берза и да се спречи распродажба од страна на инвеститорите додека се зголемуваат царините меѓу САД и Кина, но ќе бидат потребни дополнителни мерки доколку царините останат во сила.