Пејачите сè уште ги чекаат ланските хонорари за Нова година

43

Музичките уметници што лани, за Нова година, ги забавуваа скопјани на плоштадот „Македонија“, останаа без хонорарите што им ги ветил Град Скопје. Иако, според договорот, требало да им бидат исплатени во рок од три месеци, пејачите тврдат дека цела година ги чекаат финансиите.

Од Комората за музичка индустрија поднеле тужба. Станува збор за повеќе од 50 лица што не добиле пари, а биле дел од програма што беше организирана лани, за новогодишните и за божиќните празници од страна на Град Скопје.

Од Град Скопје ги негираат изнесените тврдења од Комората за музичка индустрија, наведувајќи дека се целосно неточни.

– Градот Скопје нема договор за ангажирање уметници за 2024 година, таа обврска ја презела Комората на музичка индустрија, која учествувала на јавен повик, на кој истакнала дека ќе организира настан финансиран од повеќе извори. За јавниот повик во Град Скопје, на кој учествувала Комората, нејзиниот претставник не пристапил да склучи договор, ниту доставил документација за реализација на настан во согласност со условите во јавниот повик. За овие постапки на Комората на музичка индустрија, Градот Скопје нема вина. Напротив, подготвува тужба за одговорното лице во Комората, за утврдување одговорност и за проверка на начинот на финансирање активности преку надлежните институции, со цел превенција на идни злоупотреби – потенцираат од Град Скопје.

Оттаму, ги упатуваат сите уметници и останати лица кои се изиграни од страна на претставникот на Комората како организатор со кој имаат склучено договор, да покренат кон Комората постапки за наплата согласно меѓу нив утврдените услови и апелираат да не се потпаѓа под политички или какви било други манипулации во обид на претставникот на Комората со изнесување невистини да избегне одговорност за овој случај.