Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска ја повика меѓународната заедница веднаш да ја запре продажбата на оружје на Израел, истовремено осудувајќи ги израелските напади врз мировните сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ).
Санчез по средбата со папата Франциско во Ватикан рече дека Шпанија престанала да му продава оружје на Израел во октомври 2023 година и го повика остатокот од светот да го стори истото за да спречи понатамошна ескалација на конфликтите во регионот на Блискиот Исток, пренесе Ројтерс.
Во напад на израелските сили на набљудувачка станица што ја користи УНИФИЛ, денеска се повредени две лица, соопшти извор од ОН, а шпанското Министерство за одбрана денеска соопшти дека никој од шпанските војници кои се на мисија во Либан не е повреден.