Од СДСМ посочија дека откриле нов скандал. Имено, затворениот пазар во Неготино бил изграден без соодветно одобрение за градење, а се води како „поставување на урбана опрема“.
– Замислете, градоначалникот Стојанов, на фирмата МАСТЕФ ДООЕЛ и издал одобрение за поставување на урбана опрема. Седумнаесет тони железо, изградени на бетонска подлога од 420 квадратни метри со 90 тезги внатре, се третираат како урбана опрема? Зошто е избегнато издавање на соодветно одобрение за градење во соодветна постапка. Особено од аспект на статиката и сигурноста на објектот. Како е можно два објекта, изградени во толкав габарит кој лежи на 17 тони железо, да се третира како „поставување на урбана опрема“ – велат од СДСМ.
Од партијата се загрижени за безбедноста на објектот.
– Нашата загриженост е оправдана, имајќи предвид дека несоодветно поставување на материјали беа дел од причините за трагедијата во Нови Сад. Сомнежите околу изградбата на пазарот е и од аспект на финансиски аспект. Зад проектот повторно стои една од омилените фирми на ВМРО-ДПМНЕ – МАСТЕФ ДООЕЛ, која редовно добива тендери во општини под нивна контрола, особено со пари од унгарскиот заем. Проценетата вредност на проектот е 25.960.000 денари, а договорот е склучен речиси за истата сума – 25.914.000. Без конкуренција, без намалување на цената, без домаќинско работење – велат од СДСМ.