„Пауза за ракија“ четвртиот дел – со фокус на Свети Наум!

39

Хармоникашот и продуцентот Игор Димовски повторно е оригинален и актуелен

Најновото, четврто издание на музичкиот серијал „Пауза за ракија“, идејно и авторско дело на познатиот македонски музичар, хармоникаш и продуцент Игор Димовски е пред неговите обожаватели, но и пред севкупната македонска публика.

По три успешни продолженија, Димовски повторно креира проект со кој го освојува гледачот. Новото издание е веќе објавено пред некој ден на неговиот официјален јутјуб-канал, а со него пристигна и вистинско изненадување – чисто уживање во неповторливата атмосфера што го карактеризира серијалот.

Централното место во оваа музичка приказна го има живописниот предел на Охридското Езеро, со фокус на „Островот“ кај Свети Наум. Со подеднакво значење и на  самиот град Охрид, на „Свети Јован Канео“, селцето Трпејца и ноќната атмосфера со која изобилува Балканскиот Ерусалим. Веселото распеано друштво ги претставува 18-те внимателно одбрани музички нумери. Секој снимен кадар носи искреност и дух на македонската традиција. А, тоа е дека сè започнува со домашна препечена ракија – со домашно македонско гостопримство.                                                                Димовски овој пат се појавува и како актер, со одлични комични моменти. Сè на сè, мошне интересно за гледање, не само за слушање.  (Д.М.)

 

 

ИЗДВОЕНИ