Патните правци проодни, коловозите влажни, не тргнувајте на пат без зимска опрема!

38

Oд ЦУК информираат дека, по врнежите од дожд и од снег викендов, состојбата во поголемиот дел од Северозападниот Регион е нормализирана и дека нормално се одвива сообраќајот. Исто така, снабдувањето со електрична енергија е редовно, а нивото на водотеците е нормално за овој период од годината. Има проблеми во високопланинските села, каде што сообраќајот се одвива во зимски услови и забавено, со задолжителна употреба на зимска опрема. Проодни се сите регионални, магистрални и локални патишта и во Југоисточниот и во Вардарскиот Регион

 

Циклонот над Македонија викендов донесе врнежи во низините и обилен снег на планините. Денеска, од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека состојбата во поголемиот дел од Северозападниот Регион е нормализирана
и дека нормално се одвива сообраќајот.

Исто така, снабдувањето со електрична енергија е редовно, а нивото на водотеците е нормално за овој период од годината.

Најмногу снег утринава наврна во Маврови Анови – 61 сантиметар, на Попова Шапка 48, во Крушево 35, во Лазарополе 21, во Дебар пет, во Претор четири и во Берово три сантиметри.

– Има проблеми во високопланинските села, каде што сообраќајот се одвива во зимски услови и забавено, со задолжителна употреба на зимска опрема – известуваат од ЦУК.

Оттаму додаваат дека имале и повици од лица од селото Луковица, Општина Желино, за непрооден пат до селото.

– Тие се вратија во својот дом и, според пријавителот, ќе преноќеле во селото. Од ПС
Групчин сме известени дека е упатена машина за чистење на снегот на теренот кон селото Луковица и селото Седларево, која работи на нормализирање на сообраќајот во тој реон – соопштија од ЦУК.

Оттаму известија дека метежот што настанал поради несовесни граѓани, кои возеле со
несоодветни гуми на Попова Шапка, е расчистен.

– Сообраќајот во двата правца се одвива во зимски услови, забавено и со задолжителна употреба на зимска опрема – потенцираа од ЦУК.

Оттаму нагласија дека патот до селото Бродец, Општина Чучер Сандево, е прооден, додека кон селата Танушевци, Брест и Малино има снег и ветер и дека патот е непрооден. Екипи на ЈП за одржување и заштита на магистралните и на регионалните патишта, како што информираат од ЦУК, се веќе на терен и работат на расчистување. Приватна компанија дошла на помош и го исчистила патот од снежните наноси на Пелистер, за хотелот „Молика“, по повеќечасовните обиди на „Македонија пат“ и на
ЈП „Нискоградба”.

Како резултат на обилните врнежи од снег и од дожд што го зафатија Пелагонискиот Регион, во ЦУК се добиени голем број пријави за прекини на електричната енергија, за оштетени бандери, за четири поплавени подрумски простории во куќи (три во Битола и една во Кривогаштани), за поплавен коловоз кај бензинската пумпа „Салида“ во Прилеп и за одрони на патните правци Прилеп – Битола, Прилеп – Кавадарци и
Демир Хисар – Кичево.

Од ЈП „Македонија пат“ известија дека сообраќајот на државните патишта се одвива
тековно во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот, по интервенција на дежурните екипи на претпријатието.
Од УХМР велат дека од денеска до крајот на денот, од запад ќе се прошират врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места – од снег.

Со специјално возило извлечени заглавените гости од хотелот „Радика“ во Маврово

Гостите од хотелот „Радика“ во Маврово, кои беа заглавени поради обилните врнежи од снег и непроодниот пат, во неделата вечерта беа извлечени со помош на специјално возило на Јавното претпријатие за одржување и заштита на
магистралните и на регионалните патишта.

Екипите на Јавното претпријатие за одржување на магистралните и на регионалните патишта во неделата вршеле сечење на паднатите дрвја на делницата до хотелот. На терен имало и машина за чистење снег, која ги расчистувала снежните наноси на овој потег. Според ЦУК, висината на снежната покривка во овој дел е околу 80 сантиметри.

(А.П.)