Патница заобиколила повеќе безбедносни контролни пунктови за да се качи на авион во Њујорк

260

Во тек е истрага за да се утврди како една жена поминала низ повеќе безбедносни контролни пунктови на аеродромот „Џон Фицџералд Кенеди“ во Њујорк минатата недела и се качила во авион на летот за Париз, криејќи се во тоалетот на авионот за време на летот, пренесува Си-Ен-Ен.

Американската агенција за транспортна безбедност (TSA) објави дека жената немала авионски билет, дека ги заобиколила безбедносните проверки, две пунктови за проверка на идентитетот и капијата за качување на патниците. После тоа се качила во авион на компанијата „Делта“. Овој инцидент се случи на 19 ноември, еден од најфреквентните денови во годината. Имено, TSA посочи дека на тој ден, во пресрет на празникот Денот на благодарноста, со авион патувале 2,7 милиони патници.

Надлежните тврдат дека жената не носела предмети кои се забранети на аеродромите, односно во авионите. Нејасно е како успеала да се качи во авионот, заобиколувајќи ги портите за качување. Од компанијата „Делта“ соопштија дека соработуваат со одговорните институции и дека водат внатрешна истрага.

„Ништо не е поважно од безбедноста. Поради оваа причина, спроведуваме детална истрага и ќе соработуваме со други заинтересирани субјекти во воздухопловството за да утврдиме што се случило“, велат од „Делта“.

Според неименуван службеник на аеродромот Шарл де Гол во Париз, жената има меѓу 55 и 60 години, има руски пасош и наскоро ќе биде вратена во САД. По пристигнувањето на парискиот аеродром била задржана во зоната на депортација бидејќи не ги исполнувала условите за влез во Европската унија. Пред неколку години таа побара азил во Франција.

Службеникот не одговори на прашањето на Си-Ен-Ен за нејзината психичка состојба. Кога ќе биде вратена во САД, властите на државата Њујорк би можеле да ја уапсат.

Брокерот за недвижности Роб Џексон бил на лет на „Делта“ за Париз кога жената била пронајдена. Тој за Си-Ен-Ен изјави дека по слетувањето на авионот во француската престолнина, на патниците им било кажано да останат да седат за да може полицијата да влезе во авионот.

„Јас всушност не ја видов таа личност. Очигледно, кога го напуштивме Њујорк, таа се сокри во тоалетот во задниот дел на авионот. По пристигнувањето на капијата на аеродромот, на патниците прво им беше кажано да останат седнати бидејќи француската полиција ќе влезе за да се справи со „сериозно безбедносно прашање““, рече Џексон.

Тој снимил видео на кое се слуша како зборува капетанот на авионот.

„Патници, ви се обраќа капетанот, чекаме полиција да влезе. Можеби веќе се тука и ни рекоа да ги задржиме сите во авионот додека не го решиме прашањето за дополнителниот патник во авионот“.

Џексон посочи дека во авионот нема празни места. Како што истакнал, го слушнал разговорот меѓу стјуардесата и пилотот, а во таа прилика било кажано дека едно лице било во тоалетот, пишува Си-Ен-Ен.

ИЗДВОЕНИ