На последното пребројување на населението пред три години забележани се 205 напуштени села, за 58 повеќе отколку во 2002 година. Најмногу празни села има во штипската општина – 14, на подрачјето на Радовиш и Новаци по 13, во Валандовско – 11… Во медиумите одвреме-навреме се објавуваат вести од странство со кои во опустените села куќите се продаваат за 1 евро од страна на државата, па дури и цели села со обврски за реновирање и живеење од новите сопственици. Неодамна, пак владините агенции најавија поконкретна реализација на проектот „50 села, 50 приказни“ донесен во 2023 година за да го зголеми инвестирањето во руралните средини. Истовремено, се најави и проект за изградба на педесетина ресторани и хотели во рурални средини за да се развива туризмот. Градоначалникот на општина Чашка, Горан Стојановски, на чие подрачје има 10 празни села, вели дека за враќањето на луѓето е клучно при правењето на инфраструктура. |
Владините служби неодамна најавија заживување на „Македонското Село“ кај скопско Горно Нерези, по шестгодишна празнина, но што станува со заживувањето на 205 со години празни македонски села? Толку испустени села се забележани на последното пребројување на населението пред три години, а што е за 58 села повеќе отколку што ги имаше на пописот во 2002 година. Бројките сега се уште повеќе влошени бидејќи во земјава има уште 218 села кои имаат под десет жители, односно се на пат да исчезнат.
Состојбите се загрижувачки и од причина што досега во државата немало мерки со кои би се стимулирало враќањето на луѓето во опустените места. Во медиумите одвреме-навреме се објавуваат вести од странство со кои во опустените села куќите се продаваат за 1 евро од страна на државата, па дури и цели села со обврски за реновирање и живеење од новите сопственици. Во 2016 година тогашната Влада иницира проект „Од град во село, за нов почеток“, со кој планираше давање парични средства до 6.000 евра за купување, обнова или градба на куќа во опустените села, бенефиции за бесплатно државно земјоделско земјиште до три хектари, како и еднократна месечна субвенција од по 15.000 денари во тек на 18 месеци… Но, ефектите од тој проект, додека траеше, беа занемарливи. Во меѓувреме, празнењето на селата се зголемуваше речиси во секој дел од државата. Така, пописот покажа дека најмногу празни села има во штипската општина – 14, на подрачјето на Радовиш и Новаци по 13, во Валандовско – 11, во Прилепско -9… Сето тоа води кон прашањето можно ли е нешто да се преземе за да почне да се враќа животот во овие места чии некогашни жители сега живеат во блиските градски центри или, пак, во странство.
Неодамна владините агенции најавија поконкретна реализација на проектот „50 села, 50 приказни“ донесен во 2023 година за да го зголеми инвестирањето во руралните средини. Истовремено, се најави и проект за изградба на педесетина ресторани и хотели во рурални средини за да се развива туризмот.
Градоначалник на општина Чашка Горан Стојановски, на чие што подрачје има 10 празни села – Витанци, Капиново, Крајници, Крнино, Плевење, Попадија, Степанци… – за весникот ВЕЧЕР вели дека е клучно правењето на инфраструктура.
-И во овие села треба да се врати животот. Што ни се случи откако го асфалтиравме патот до селото Којница? Набрзо, почнаа да се градат пет-шест викендички во кои сега има луѓе. Викендички почнаа да се градат и во богомилскиот крај. Значи, нема враќање на луѓето, нема заживување на селата ако немате пат до напуштеното село, ако таму нема струја. Ако сакаме да ги вратиме луѓето треба да им создадеме услови. Треба да се градат патишта и до празните села, колку тоа некому да му се чини нереално, вели Стојановски.
Можните идеи за заживувањата на селата преку изнајмување и продажба, пречка имаат и во фактот што тамошните имоти се во приватна сопственост. Притоа, голем број од сопствениците веќе не се живи, а имотите се нераспределени.
-Доколку сакаме развиена и просперитетна Македонија не е прашање дали, туку мора да се искористи секој метар квадратен од територијата на нашата држава. Прво да научиме со што располагаме и потоа врз база на релевантни податоци за секоја парцела да донесеме правилни одлуки. Правото на сопственост е неприкосновено право но, за жал, кај нас законската регулатива врзана за водење на оставински постапки не се почитува и како сопственици во Катастарот се јавуваат и лица со по 170-годишна старост, вели Славчо Трпески, поранешен директор на Агенцијата за катастар и меѓународен консултант за земјишна политика и дигитализација.
Тој смета дека е приоритет да се утврдат кредибилни податоци за секоја парцела за да државата може да ги подобри условите со цел тоа подрачје да стане атрактивно за домашни или странски инвеститори.
-Во Словенија, на пример, доколку сопственикот не го обработува земјоделското земјиште, како и во случај кога не може да се утврди сопственикот на земјиштето, тогаш истото да преминува на управување од страна на државата. Лично сум против зголемување на даноците, но сум за тоа сите сопственици на недвижен имот да плаќаат данок на имот според пазарната вредност, вели Трпески за ВЕЧЕР.
Размислувањата водат и кон можностите опустените села да станат предмет на туристичката или друга понуда. Љупчо Јаневски, универзитетски професор и поранешен директор на Агенцијата за унапредување на туризмот, вели дека развојот на руралниот туризам е реална опција.
-Тоа може да се случи во уште живите села или селските средини кои имаат добра инфраструктура со јасна стратегија и сет-стимулирачки мерки во вид на стимулации. Ова се случуваше на француските Алпи во 80-тите и 90-години од минатиот век со силна миграција и речиси напуштени села за период од триесетина години. Туризмот да овозможи нови семејни бизниси во услужниот сектор. Овој процес не може да биде преку ноќ туку континуиран во следните десетина години, наведува Јаневски.
И тој смета дека е многу важно државата да направи сè да се утврди сопственоста на парцелите за да се добие јасна слика за можно вкрупнување и овозможување на перспективи во повеќе економски гранки за идни инвестиции.
-Јас би размислувал и креативно би се насочил кон развојот на специфичните форми на туристичка понуда. Новата туристичка реалност создаде нови потреби во туристичката индустрија со зголемување на слободните патувачи и дигиталните номади. Така неколку македонски села во различни региони би ги адаптирал и прогласил како дигитални села во кои би престојувале дигиталните номади со зголемен број на туристички производи во регионот. Знаеме дека овој тип на туристи повеќе од 80 отсто на финансиските средства ги внесуваат во локалната заедница па ефектите многу брзо ќе бидат видливи. Со владина поддршка би се адаптирале неколку села за бизнис инкубатори кои би создале можности за зголемен број на иновации и отворање на нови бизниси. Паралелно со овој процес би се стимулирало органското производство, новите практики во земјоделието и сточарството, а агро-туризмот би го зајакнал овој процес со дополнителни финансиски средства од туристите кои би ги посетувале фармите и домаќините, наведува Јаневски. (Б.Ѓ.)
Празни куќи на социјални мрежи и како уметност
Напуштените куќи, училишта, фабрики, хотели низ Македонија и нивно објавување како фотографии на социјални мрежи со години се преокупација на Мариана Цветковска. Фотосите ги објавува на својот профил на Инстаграм „Abandoned Macedonia“, на кој веќе има повеќе од 500 поста и 6.000 активни следачи. Таа вели дека во Македонија има многу празни објекти кои се оставени да зјаат и пропаѓаат.
-Бројката на овие објекти видно се зголемува. Кога институциите би се погрижиле за овие објекти, тие би се вратиле во првобитната состојба, бидејќи секоја од овие градби ја карактеризира нивната автентичност. Заживувањето би било можно со поддршка од државата преку јавно – приватно партнерство или преку одреден фонд со кој би се стимулирале одредени субјекти. Со тоа би се овозможило таквите објекти да се искористат за домување на одредени општествени категории, за алтернативен туризам или објекти каде што би се снимале филмови, и каде што би се одржувале културно-уметнички настани. Доколку куќата нема сопственици градот или државата треба да ја зачуваат како културно наследство, а не да ја остават да пропаѓа, вели Цветковска за весникот ВЕЧЕР.