Според министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, тие треба да бидат завршени во наредниот период. „Со овие проекти, верувам дека ќе направиме значајни чекори кон зајакнување на нашето културно наследство и подобрување на животот на нашите граѓани во Струмица и Струмичко“, посочи Љутков

Конзервација, реставрација и санација на црквата „Св. Кирил и Методиј”, довршување на Стариот струмички театар, изработка на покривната конструкција на термалното лекувалиште Бања Банско, како и конзервација и санација на манастирот „Св. Леонтиј“ во Водоча се четирите капитални проекти кои годинава ќе почнат да се реализираат во Струмица. Проектите ги најави министерот за култура и туризам Зоран Љутков, при вчерашната посета на општината, при што додаде дека во изминатиот период е направен сублимат од она што ќе се работи низ цела Македонија во делот на заштитата на културното наследство.

Покрај довршувањето на изградбата на стариот театар во Струмица, за кој се обезбедени 198 милиони денари и треба да биде предаден во употреба кон крајот на 2026 година, Љутков ги објави и финансиските средства за реализација на останатите проекти.

„Во изминатите неколку месеци интензивно се работеше за да се среди обемната документација која што ја имаме за Струмичкиот театар. Во моментот е распишан тендер за измена и дополнување на основниот проект на Стариот театар, изработен е и проект за проблемот кој се појави со потпорниот ѕид, а направена е и стручна контрола од Заводот и музеј Струмица. Таму се чека само конзерваторското одобрение од Управата за заштита на културното наследство. Во текот на месецот ќе започне и реализацијата. Објект кој исто така ќе го работиме како Министерството заедно со Завод и музеј Струмица е црквата „Св. Кирил и Методиј“ од 19 век. За многу краток период ќе биде распишана и повеќегодишна јавна набавка за овој значаен капитален објект којшто е гордост за Струмица и струмичани. За негова реализација Министерството ќе издвои 15 милиони денари. Третиот проект е почеток на реализацијата на проектот за покривната конструкција на термалното лекувалиште Бања Банско со поддршка на Европската Унија. Во изминатите неколку месеци успеавме да ги подготвиме сите потребни документи. Обезбедени се сите дозволи и конзерваторско одобрение за потпорни ѕидови. Проектот е одобрен и ќе се реализира во наредниот период. Останува потпишување на договорот и одредување на динамиката за реализација. За овој проект се одобрени 25 милиони денари. Исто така во склоп на археолошкиот локалитет е предвидено и поставување на инфо-пункт за туристи каде ќе биде презентирана историјата на овој значаен локалитет“, објасни вчера Љутков.

Последниот проект кој беше најавен е конзервација и санација на покривот на манастирот „Св. Леонтиј“ во Водоча. За реализација на проектот, кој е од суштинско значење за историјата на Струмица, според Љутков ќе бидат одвоени 1.200.000 денари.

Љутков истакна и дека во рамките на посетата остварил работна средба и со Драган Маџиров, директорот на ЦК „Антон Панов“, при што размениле информации за тековните активности и идните програми.

„Очекувам богата културна програма и зголемување на активностите во Струмица, што ќе доведе до значителен напредок во културниот живот на оваа општина“, додаде Љутков.

 

ИЗДВОЕНИ