Крилото на Алијанса за Албанците, предводено од Арбен Таравари, веќе не е дел од редовите на коалицијата Вреди, но сега станува неизвесно дали ќе остане и дел од Владата. До ова доаѓа откако Движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски, денеска, отворено порача дека групацијата на Таравари им станува неприфатлива како партнер во власта.
-Движењето ЗНАМ за наша Македонија смета дека случувањата во коалицијата Вреди се нивно внатрешно прашање. Секој што соработува зад отворени или затворени врати со нереформираната ДУИ за Движењето ЗНАМ е неприфатлив да биде составен дел на партнерството во коешто учествува ЗНАМ – порача на денешната конференција за печат партискиот портпарол Никола Мемов.
Тој додаде дека од редовите на крилото на Таравари „самите изјавија дека имаат отворена комуникација со ДУИ“, а дека за идните случувања во владината коалиција е надлежен премиерот Христијан Мицкоски.
-За нас превирањата во Вреди не се закана за владејачкото мнозинство. Во моментов владината коалиција функционира тековно и без никакви застои. Владата е стабилна со самиот факт што ЗНАМ и коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ обезбедуваат мнозинство од 64 пратеници и дополнително пратениците во коалицијата Вреди кои ја поддржуваат владата – нагласи Мемов.
На прашањето зошто се вели дека состојбата во Вреди е нивна внатрешна работа, а ЗНАМ изјавува дека некој што соработува со ДУИ не треба да биде дел од владата, Мемов рече:
-Случувањата во Вреди се нивна внатрешна работа, кој ќе остане како коалиционен партнер во коалицијата Вреди ќе видиме понатаму, ќе покаже времето. Доколку останат сите, тогаш органите и телата на ЗНАМ ќе разговараат и ќе расправаат по тоа прашање.
Ова е нова најава дека Таравари и неговото крило би можеле да бидат исклучени од владините редови. Завчера и Изет Меџити, по заедничката седница на преостанатите лидери на Вреди, порача дека „допрва ќе размислуваат што со министерската позиција на Таравари“. Тој најдиректно го обвини министерот за здравство дека веќе неколку месеци преговарал со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со вмешаност на одредени личности од олигархијата.
-Целта била разединување на коалицијата Вреди и враќање од клиничка смрт на ДУИ. Притоа им упатувам повик на сите членови, симпатизери, гласачи и функционери на АА да се дистанцираат од политиката на поделби на господинот Таравари, спонзорирана од ДУИ и други експоненти на олигархијата и да останат во коалицијата Вреди, бидејќи есента носи нова победа и нова политичка сцена – потенцира Меџити.
Актуелното владино мнозинство имаа поддршка од 78 пратеници, а во чии рамки коалицијата Вреди има 14 народни избраници меѓу кои петмина се од АА на Таравари. Министерот за здравство деновиве изјавуваше дека доколку се случи нивното разидување со коалицијата Вреди, тие планираат и натаму да бидат дел од владиното мнозинство.
– Не планираме да излеземе од владината коалиција во која има повеќе партии и една од тие е партии е АА – изјави неодамна Таравари.
И Билал Касами, лидер на Беса, која е дел од Вреди, вчера, пак, порача дека поделбите во нивните внатрешни редови нема да ја разнишат Владата. Од редовите на најголемата владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер и премиер Христијан Мицкоски, деновиве е отсутен од земјава, изјавија дека случувањата во Вреди се нивно „внатрешно прашање“.
-Во моментов владината коалиција функционира редовно и нормално – беше партиски коментар на прашањето на медиумите.
Но, од оваа партија не дадоа конкретен одговор, дали би било прифатливо Таравари да остане дел од Владата како посебен четврти партнер при евентуално напуштање на коалицијата Вреди. (Б.Ѓ.)