„Партизан“ ја добивме празна, без реквизити, без услови за греење и со влага! 

472

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, вели дека спортската сала нема вистински услови да функционира и од аспект на тоа што не е приклучена на никаков систем за греење, а не се обезбедени ни радијатори ни други грејни тела. Според него, во делови од објектот веќе се појавила влага, што значи дека салата е изградена неквалитетно.

Од Министерството за спорт изразија подготвеност доколку Општина Карпош нема капацитет и средства да ја стави во функција и да стопанисува со неа, да ја земат салата „Партизан“ повторно во свое владение, да ги поправат грешките направени во минатото, од Агенцијата за млади и спорт, да ја доопремат салата и да ја стават во функција на граѓаните и на јавниот интерес

 

Општина Карпош не е задоволна од тоа како е изградена спортската сала „Партизан“. Оттаму реагираат дека и покрај тоа што најавувала Агенцијата за млади и спорт дека ќе ѝ ја предаде на Општина Карпош култната сала „Партизан“ како сосема нов, современо реконструиран и целосно опремен спортски објект, сепак, не се исполниле очекувањата во целост.

Градоначалникот на Општина Карпош, при направената обиколка на објектот, каде што, како што вели, годинава за првпат основците од Карпош ќе ја користат оваа сала, во рамките на пролетниот дел од училишните спортски лиги во кошарка и во одбојка, кои традиционално ги организира Општината, нагласи дека Агенцијата за млади и спорт ѝ ја предала на Општината спортската сала буквално празна, без каков било реквизит.

– Долго време разговаравме и со претходното раководство, како и со сегашниот министер за спорт, но без успех. Затоа ние, како локална самоуправа, распишавме тендер и со 1.060.000 денари купивме два нови централни коша, фудбалски голови, мрежа за одбојка, рипстоли, ги опремивме соблекувалните со нови клупи и со други реквизити – реагира Јакимовски.

Тој, исто така, наведе дека во делови од објектот веќе се појавила влага, што, според него, значи дека салата е изградена неквалитетно.

– За ова го известивме и сегашниот министер за спорт, но немаме никаков одговор оттаму – посочи Јакимовски.

Тој напомена дека спортската сала нема вистински услови да функционира и од аспект на тоа што не е приклучена на никаков систем за греење, а не се обезбедени ни радијатори ни други грејни тела.

–  Во ситуацијава, никој не нè прашува дали има Општината пари за оваа намена или нема. Сепак ние, како институција, ќе мора самите да најдеме решение и да ги обезбедиме тие дополнителни средства. Но, она што е особено важно за нас е изведувачот што го реконструирал објектот, да го остави во состојба да биде одржлив барем во наредните три-четири години. Тоа значи да не протекува вода во објектот и да не се појавува влага, каква што е состојбата во случајов. А да не зборувам за базенот во рамките на спортскиов центар, кој веќе неколку години стои недовршен – додаде Јакимовски.

Од Министерството за спорт објаснуваат дека спортската сала „Партизан“ е реконструирана од поранешната Агенција за млади и спорт, во 2023 година и е предадена во владение на Општина Карпош на 3 јануари 2024 година. Со тоа, Општина Карпош ги презема стопанисувањето и сите обврски околу функционалноста на овој спортски објект, како и одговорноста да биде ставен во функција на граѓаните.

– Според документацијата, пред примопредавањето во салата, извршен е технички преглед, што значи дека салата добила дозвола да биде ставена во употреба. Доколку имало забелешки за квалитетот на изведбата на реконструкцијата, тие требало да бидат констатирани кога било извршено примопредавањето на објектот – децидни се од Министерството за спорт.

Оттаму појаснуваат дека Министерството за спорт е конституирано со формирањето на Владата во јули 2024 година и нема никаква поврзаност, ниту одговорност со квалитетот на реконструкцијата на салата „Партизан“, која, како што наведуваат, била спроведена од Агенцијата за млади и спорт, а потоа, во јануари 2024 година, била предадена салата во владение на Општина Карпош.

Што се однесува до опремувањето и затоплувањето на салата, од Министерството укажуваат дека согласно со договорот за коинвеститорство што бил склучен меѓу Агенцијата за млади и спорт и Општина Карпош, обврските околу загревањето и опремувањето на салата ги презела Општина Карпош, така што и тука Министерството за спорт нема никакви наследени и неисполнети обврски, затоа и нема одговор на овие барања од Општина Карпош.

Од Министерството за спорт изразија подготвеност доколку Општина Карпош нема капацитет и средства да ја стави во функција и да стопанисува со неа, да ја земат салата „Партизан“ повторно во свое владение, да ги поправат грешките направени во минатото, од Агенцијата за млади и спорт, да ја доопремат салата и да ја стават во функција на граѓаните и на јавниот интерес.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ