СИТЕ ГО ПРОМОВИРААТ МЕРИТ СИСТЕМОТ, МАЛКУМИНА ГО СПРОВЕДУВААТ |
Лесно е разбирливо зошто секој седми граѓанин членува во некоја политичка партија, доволно е да се види до каква сè цел може да се дојде во општеството со партиска книшка. Вакво е мислењето на социолозите и на политиколозите за истражувањето што покажува дека секој седми македонски граѓанин е член на некоја од шеесетината политички партии во државава. Анкетата „Компаративно истражување на изборните системи“ е за прв пат имплементирана во Македонија во 2024 година, од Институтот за социолошки и политичкоправни истражувања при УКИМ и е направена во периодот од 25 октомври до 4 декември 2024, со вкупно реализирани 1.056 анкети. Во истражувањето, 13,3 проценти од испитаниците кажале дека се членови на партии, што не е многу помалку од 2017 година, кога било 13,6 проценти, додека просекот во земјите во ЕУ е од 3 до 5 проценти.
Доцентот Јован Близнаковски од ИСППИ вели за весникот ВЕЧЕР дека мотивот за вака високиот процент граѓани со партиски книшки е доминантно во доаѓањето до бенефиции.
– Партиското членство често се користи како услов за доаѓање до некоја материјална бенефиција, најчесто вработување. Партиите стратешки регрутираат членови како дел од клиентелистичката трансакција. Во неа секој добива нешто: партиите бројно членство, повеќе гласови на изборите…., а граѓаните сакаат да обезбедат егзистенција преку вработување или да остварат некое друго право. Сето она што го нуди државата како услуга, може да биде достапно преку една таква клиентелистичка трансакција – наведува Близнаковски.
Споредбите покажуваат дека Македонија предничи и во балканскиот регион кога е процентот на граѓани што имаат партиски книшки во прашање. Истражувањето во Хрватска покажало дека партиски книшки имаат 8,8 проценти од граѓаните, односно речиси секој дванаесетти граѓанин. Македонскиот просек е поголем и од оној што го имала во поранешната заедничка држава Југославија тогашната единствена партија, Сојузот на комунистите. Во 1981 година, на пример, оваа партија имала 2,1 милион членови, односно 9,5 проценти од вкупното население, а во Македонија процентот бил 7,8.
– Високиот процент на членување на граѓаните во некоја партија не е нужно лоша работа, особено ако е мотивацијата постигнување некоја политичка цел или идеолошка определба. Лошо е ако се користи за верификација на клиентелистички трансакции, ако се принудени луѓето да се зачленуваат во партии со цел да добијат некоја бенефиција. Во постарите демократски општества, има тренд на опаѓање на членствата. Во нашиот случај, високото членство укажува на тоа дека граѓаните се под доминација на партиите, а треба да е обратно – потенцира Близнаковски.
Искуствата покажуваат дека бројноста на партиското членство најчесто се зголемува во текот на предизборните периоди, како и по доаѓањето на партиите на власт. Според медиумските извештаи од 2021 година, дванаесетте најголеми партии во земјава, според нивните тврдења, имале околу 350.000 членови.
За социологот Илија Ацевски, проблемот е што поседувањето партиска книшка станало дел од начинот на живеење на луѓето.
– Кај луѓето преовладува дух, влезено е во меморијата дека без партиска книшка, тешко можеш да реализираш нешто значајно, да се вработиш, да направиш кариера во која било сфера… Тоа се случува веќе долго време. И сега што да прават оние граѓани што не се членови? Се разбира, партиите го билдаат зачленувањето, со што добиваат моќ, гласови… – вели Ацески.
Но, укажува тој, од друга страна, добиваме неефикасни државни институции.
– Имаме партизирани и неефикасни институции, имаме луѓе што се недопирливи… Тоа создава една разурнувачка енергија во општеството оти зборува за една партизирана и длабока држава која кажува дека без партија, нема ништо. Тоа ги поразува сите творечки импулси во општеството. Ваквата масовност во членувањето тешко дека може да има добра страна уште повеќе од причина што кај нас членувањето во партиите не е по идеолошки критериум на левица, десница, центар, туку клиентелистички. Односно, резонот е. Јас ќе бидам член ако имам некој интерес. Тоа ја доведува моќта на партиите до карикатуралност – потенцира Ацески за весникот ВЕЧЕР.
Партизираноста на македонското општество досега беше предмет на бројни критики, особено и во годишните извештаи на Европската комисија за напредокот во евроинтеграциите. Но, и натаму изостануваат конкретни активности за департизација на општеството. (Б. Ѓ.)