Партиите земаат залет за локални избори, а ако треба и за парламентарни

86

Посети по општински штабови, средби со граѓани, внатрешни анкети за популарноста на кандидатите, преговори со можните коалициски партнери, партиски престројувања… се она што последниве недели го прават македонските политички партии. Практично, пет месеци пред октомврискиот рок, веќе како да се зема залет за што подобар старт во трката по гласовите на граѓаните. Но, се чини, целта не се само локалните туку и можните вонредни парламентарни избори во ист или малку поодложен термин. Таква можност завчера ја „подгреа“ и самиот премиер и лидер на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој на собраниската седница посветена на пратеничките прашања ги спомна и можни предвремени парламентарни избори по расчистувањето на случајот со ужасната трагедија со пожарот во кочанската дискотека.

– За пет месеци ќе почне кампањата за локалните избори. Граѓаните ќе кажат чија политичка кариера завршува, чија политичка кариера продолжува и во каков формат ќе продолжи. Прв ќе ја прифатам таа одговорност, но прво да ги решиме работите. Сè ќе решиме сега и кога ќе решиме, од народот ќе побараме доверба и ќе видиме дали ја заслужуваме нивната доверба – порача Мицкоски во одговорот на прашањето од редовите на опозицијата врзано за истрагата за Кочани.

Тој не прецизираше дали предвремените парламентарни избори би се одржале со локалните избори наесен или подоцна, но според неофицијалните владини извори „нема да биде изненадување доколку во октомври во рацете на гласачите се најдат и гласачките ливчиња за пратениците“. Мицкоски, пак, деновиве по враќањето од ОАЕ и напоредно со владините активности, е во вечерни посети на општинските партиски комитети. По Неготино беше и во Чучер Сандево каде што порача дека нивната сила е токму „во народот и во секој граѓанин што предлага“.

На терен по општините е и раководството на нивниот коалициски партнер ЗНАМ, а чии функционери веќе се сретнаа со граѓаните на Куманово, Тетово, Пробиштип, Кратово по мотото „Заедно повеќе знаеме“. Оваа партија веќе најави дека ќе настапи со свои советнички листи, а дека со ВМРО-ДПМНЕ ќе се договараат околу кандидатите за градоначалници.

-Мислам дека до крајот на мај ќе го имаме епилогот од самите разговори и тоа ќе го соопштиме – изјави завчера лидерот Максим Димитриевски, во едно телевизиско интервју.

Тој го повтори ставот упатен кон крилото на Алијансата за Албанците, предводено од Арбен Таравари дека на ЗНАМ им е „неприфатлив партнер кој има комуникација со ДУИ“. А Таравари сè уште ја чека средбата и одлуката на премиерот Мицкоски за тоа дали тој и неговите функционери и петмина пратеници ќе бидат и натаму дел од владиното мнозинство. Останатите партнери од коалицијата Вреди, кои веќе го отпишаа Таравари од својот состав, веќе се на два колосека – за обединување и формирање на една партија и за составување на заедничките листи за советници и градоначалници.

Од редовите на опозициската ДУИ,пак, дојде изјава на екс-министерот Бујар Османи со која ги спомна предвремените избори.

-Ако Северна Македонија годинава одржи предвремени парламентарни избори, тогаш ќе го отвориме нашиот прв четиригодишен реформски прозорец кон Европската Унија во последните две децении. Без кампања, без дистракции, само владеење и само испорачување, изјави Османи на конференцијата во Љубљана организирана од поранешниот словенечки претседателот Борут Пахор.

Лидерот на најголемата опозициска партија Венко Филипче, денеска беше во посета на скопската општина Центар со која раководи сопартиецот Горан Герасимовски околу реконструкцијата на спортската сала „Работнички“. Тој оцени дека „владината коалиција е нестабилна а дека СДСМ е подготвен да разговара со било која партија“.

– Во однос на албански коалициски партнер, постепено ги започнуваме иницијативите за разговори, ги согледуваме околностите, ситуациите, пратиме што се случува во делот на коалицијата во Владата. Ние сме спремни што и да се случи во следниот период, дали ќе има само локални избори, дали ќе има заедно со локалните и предвремени парламентарни избори, Социјалдемократскиот сојуз е спремен за секаков тип на избори во следниот период – рече Филипче кој додаде дека во нивната коалиција веќе се започнати разговори за советничките места, но, како што рече, не во сите општини поради што некаде дел од партиите ќе настапат самостојно.

Очигледно, партиските блокови веќе почнуваат да ги исцртуваат ветувањата за локалните избори и кандидатите. Но, праксата од минатите избори покажува дека кампањите за избор на локалната власт лесно се трансформира во кампањата за  парламентарни избори. Политичките аналитичари се согласуваат дека подготовките почнуваат со полн интензитет, но и дека не треба да се очекува поголемо престројување во блоковите. Александар Ристевски, аналитичар за ВЕЧЕР, вели дека не треба да се дозволи локалните теми да се најдат во сенка на парламентарните.

– Не би смеело. Локална политика е локална политика. Фокусот треба да е на програмата и кадровските решенија. Централната државна политика не треба да има влијание, иако знаеме дека ќе има, пред сè поради централизираноста што ја имаме во целата политичка сцена. Но, според мене, локалната политика мора да решава локални теми околу загадување, претшколски теми, локална инфраструктура, урбанизам… Тоа што народот секојдневно го тишти – наведува Ристевски.

И овој аналитичар смета дека предвремени парламентарни избори не и се потребни на земјава во овој период.

-Не гледам потреба од тоа. Апсолутно никаква. И според мене, треба да излеземе од матрицата на постојани избори. Предвремени избори се тераат во последните година или 6 месеци, поради моментален пад или раст на рејтинг, несогласување за важни државни теми и слично. Во време кога се има стабилно мнозинство, двотретинско, Бадинтерово… Апсолутно е нелогично да се оди на избори. Владата отвори еден фронт за воспоставување на ред на институциите на системот, борба со корупцијата, и доколку успее да испорача резултати, а и има голем успех на локалните, мислам дека ќе си го истера цел мандат. Парламентарни би имало само доколку се разниша довербата во поголемите градови, но не само при изборот на градоначалници, туку и на советничките листи – потенцира Алексадар Ристевски. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ