ШЕСТ МЕСЕЦИ ПРЕД ТРКАТА ЗА ОПШТИНСКИ ВЛАСТИ СЕ РАСЧИСТУВААТ ДИЛЕМИТЕ
Додека Изет Меџити најавува дека Вреди на локалните избори ќе настапи со заеднички листи, кандидати, програма и платформа лидерот на крилото на АА Арбен Тарвари се уште размислува. Движењето ЗНАМ ќе има свои кандидатски листи за советници, а за градоначалниците ќе се преговара со ВМРО-ДПМНЕ при што за Куманово сигурно ќе имаат свој кандидат. Од СДСМ подготвуваат кандидати кои „имаат кредибилитет во своите средини, пред своите соседи, пријатели и познаници и на кои може да им се верува“. Левица, пак, по вчерашната сендица на Централен комитет порачаа дека „тргнуваат во пресметка со системот“. |
Некои сеуште со нерасчистени дилеми, некои со јасни ставови околу тоа како ќе настапат на претстојните локални избори е состојба во која се наоѓаат политичките партии од власта и од опозицијата шест месеци пред есенското изјаснување на граѓаните. Додека најголемата владеачка партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзните партнери, како и Движењето ЗНАМ веќе најавуваат соработка, превирањата се најголеми во редовите на нивниот партнер четиричлената коалиција Вреди. Дилемите околу излегувањето од оваа коалиција на крилото на Алијанса за Албанците предводено од министерот за здравство Арбен Таравари не се расчистија ни денеска. Тој изјави дека од Вреди „добил ултиматум а не можност да разговараат“. Односно, дека му било кажано партиите од оваа коалиција одат во еден субјект, тој ако прифати ќе биде добро, ако не – ништо.
-Ние досега не сме добиле понуда од Вреди да бидеме една партија, ако имаме тоа ќе го разгледаме. Но и ако одлучиле досега, ние името им го даваме нека се викаат Вреди. Јас немам информација, последен пат кога сме зборувале за ваква тема е јули или август минатата година. Ми се допаѓа идејата дека се усогласиле, супер е тоа. Нас ни се допаѓа таа идеја. Нека продолжат што побрзо да се спојат, ние како Алијанса на Албанците не сме добиле ваква понуда – рече Таравари негирајќи дека преговара со ДУИ.
Оваа партија, инаку, викендов, одржа свое Собрание во Гостивар на кое беше донесен заклучокот да се направат сите обиди за заеднички настап на претстојните локални избори со другите партии од коалицијата Вреди. Наводно, партнерите на Таравари му понудиле да добие 35 отсто од местата на советничките листи, како и кандидати за градоначалници во: Гостивар, Струга, Врапчиште, една од општините Липково, Арачиново или Студеничани, како и една од општините Брвеница или Чашка. По собранието Таравари изјави дека ако не се постигне договор партијата ќе настапи сама.
– Ни ја дадоа оваа понуда преку пратениците. Не знам како се поделени меѓу нив. Да видиме каква е поделбата, што добива Беса, што добива Демократско движење, што добива Алтернатива. Ова е многу важно за нас. Ние, исто така, ќе имаме две понуди… Понудите ги подготвува посебна група која ќе биде назначена од партијата. Ќе имаме две опции. Едната кон Вреди, другата ако не успееме, со сопствена листа. Од оваа недела, ќе организираме средби со ограноците за да ги слушнеме пораките од нив. Нè интересира што мислат гласачите, не само членството – изјави тој во Гостивар.
Индикативно беше што Таравари во Гостивар се појави во друштво со Исен Шабани, градоначалник на општина Врапчиште, кој досега беше дел од крилото на Зијадин Села. Шабани најави дека ќе се раздели од Села и дека АА треба да се направи како една партија. Таравари, пак, рече дека најверојатно Шабани ќе биде кандидат на АА за градоначалник на Врапчиште.
Наспроти ова, вицепремиерот и министерот за животна средина Изет Меџити вчера изјави дека во редовите на Вреди никој нема дилеми, освен Таравари. Односно дека лидерот на крилото на АА „гледа можност за соработка со ДУИ“.
– На локалните избори планираме да настапиме со заеднички листи, заеднички кандидати, заедничка програма и платформа, а ако треба некаде ќе поддржиме и независен кандидат. Нема смисла секој сам да оди на локалните избори. Сите политички аргументи кажуваат дека треба да се оди со заеднички листи на Вреди, со еден кандидат, една листа, една програма со оглед на тоа дека веќе постои иницијатива за сите партии во рамки на коалицијата да се претопат во една политичка партија. Односите со министерот за здравство Арбен Таравари се добри и комуницираме. Никој нема дилеми во Коалицијата, единствениот којшто има дилеми којшто гледа можност за соработка со ДУИ е господинот Таравари. Затоа него ќе го прашате, но мислам дека Вреди ги доби гласовите, 107.000 гласови како антипод и предводник на промените во делот на албанскиот кампус. Така што, никој нема дилеми освен Таравари којшто треба да расчисти со дилемите. Вреди и соработка со ДУИ мислам дека е неприродно – нагласи Меџити.
Од Движењето ЗНАМ- За Наша Македонија соопштија дека на локалните избори ќе настапат со свои кандидатски листи за советници.
– Во однос на градоначалничките места се преговара со коалициониот партнер ВМРО-ДПМНЕ за истакнување на кандидати на ЗНАМ или на ВМРО-ДПМНЕ по одредени општини, каде поддршката од двете партии ќе ја добие кандидатот на онаа што ќе биде истакнат за градоначалник уште во првиот круг од изборите. Што се однесува до Куманово, Движењето ЗНАМ ќе има свој кандидат за градоначалник. Партиските тела и органи во Куманово ќе одлучат кој ќе ја има честа да учествува во траката за тоа место – соопштија од ова Движење.
Во редовите на опозицијата, се чини, веќе започнува мобилизацијата. Новоизбраниот лидер на СДСМ Венко Филипче во обраќањето по завршените внатрепартиски избори го кажа и профилот на нивните кандидати за локалните избори на кои ќе одат со досегашните партнери.
-Во следниот период почнува сериозната подготовка за локалните избори. Ќе ги избереме луѓето кои најдобро ќе нè претставуваат на локалните избори – луѓе кои ќе имаат кредибилитет да излезат во своите средини, пред своите соседи, пријатели и познаници во своите општини. Луѓе на кои ќе може да им се верува дека политиките и програмите што ќе ги ветат – ќе можат и да ги исполнат – рече Филипче.
Тој додаде дека состојбата во општините со кои во моментов раководат градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ е сериозно загрижувачка, и дека нема проекти во интерес на граѓаните.
-Ќе имаме тешка задача, затоа што ќе се бориме во многу општини со политичкиот противник ВМРО-ДПМНЕ. За жал, нивните градоначалници не испорачуваат добри политики. Гледаме како излегуваат сè повеќе корупциски скандали. Не ги водат општините така како што треба – нема проекти за доброто на граѓаните. Го гледаме тоа по примерот на Скопје. Поради инаетот и бизнис интересите на градоначалничката на Скопје и ВМРО-ДПМНЕ, нема јавен превоз, нема чисти улици, нема ниту еден проект за доброто на граѓаните. За само 10 месеци, Владата на ВМРО ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди покажаа дека ниту знаат, ниту умеат да се справат со проблемите. Понеспособна Влада државата немала никогаш досега. Нема ниту една област и сфера во којшто нешто добро се случува – рече Филипче.
Левица, пак, по завчерашната сендица на Централен комитет порачаа дека „тргнуваат во пресметка со системот“.
-Фокусот е на есенските Локални избори, како фронт за жестока пресметка со режимскиот апарат. Во услови на постојана репресија, изборен инженеринг и клиентелистички октопод кој го гуши секој обид за народна еманципација – Левица ќе настапи бескомпромисно, чесно и организирано, како глас на обесправените и бастион на некорумпираноста. Времето на калкуланти, опуртинисти, предавници и квазиопозиционери заврши. Борбата продолжува – на улиците, во институциите и на изборните полиња. Со народот, за народот – порачаа од Левица. (Б.Ѓ.)