Речиси исти коалиции, со еднаков број на партнери се партиски стратегии за настап на претстојните есенски избори. Партиската битка водена на минатогодишните парламентарни избори, според денешните најави, најверојатно ќе се преслика во трката за избор на нови градоначалници и советници. Ваквите најави дојдоа од најголемите коалиции кои водеа парламентарна битка, а сега се определуваат формации за локалните избори.
Лидерот на владејачката партија Христијан Мицкоски, чија партија ја предводеше коалицијата За подобра Македонија, која победи на мајските избори, најави дека ќе трчаат заедно со нивниот коалициски партнер во Владата,Вреди
Природно е соработката на централно ниво да се преслика и на локално ниво, премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, најави дека коалицијата За подобра Македонија и коалицијата Вреди заедно ќе учествуваат на општинските избори и тие за Град Скопје кои се предвидени за наесен. Мицкоски рече дека во тек се внатрепартиските процедури, односно партијата испратила порака до општинските комитети да генерираат имиња на луѓе со визија и амбиција кои ќе се најдат на партиските списоци за избор на идните градоначалници. Мицковски не одговори дали веќе разговарале со нивниот албански коалициски партнер во Владата, во кои општини би ги поддржале нивните кандидати или можеби ќе настапат со заеднички имиња.
– Природно е Владата вака како што функционира да продолжи и во избори и надвор од изборен процес, нечесно е ако вие имате заедничка платформа на изборите да препознаете друга, така што мислам дека тоа е природен след, за ова ќе разговараме во следните месеци, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и додаде дека партијата ќе излезе со конечни имиња на кандидати за претстојните локални избори на почетокот од јуни
Вицепремиерот Изет Меџити од редовите на Вреди деновиве изјави дека имаат план за заеднички настап на локалните избори со ВМРО-ДПМНЕ.
– За советници по општините ќе тераме секој посебно, бидејќи е пропорционален систем, додека за градоначалници е мнозински систем и таму каде што имаме ние кандидати ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ или обратно… Сега, дали ќе биде првиот или вториот круг, тоа е веќе проценка. Целта е владината коалиција да биде апсолутен победник на идните локални избори – рече Меџити, додавајќи дека по изборите ќе се реализира и долгонајавуваниот план на коалицијата Вреди да се спои во една партија.
Наспроти вербата во македонско-албанската коалиција на власт дека може да успее и на локално ниво, од СДСМ категорично отфрлаат разговори за поддршка на ДУИ на локално ниво во некои општини. Претседателот на партијата Венко Филипче, во изјава за медиумите, рече дека партијата сега е во фаза на идентификување на имиња кои ќе се вклучат во градоначалничката трка. Во најголемата опозициска партија СДСМ најголемиот дел од кандидатите за градоначалници и советници ќе биде познат до крајот на април.
– Ќе формираме само принципиелни коалиции, само коалиции базирани на заемно почитување и споделување исти вредности и политики – изјави лидерот Венко Филипче.
Од ДУИ велат дека секогаш ќе го имаат партнерството со граѓаните, а тоа ќе се потврдело на локалните избори кога ДУИ и Европскиот фронт ќе бидат најголеми победници.
-Коалиција Европски фронт не е направена само за еден изборен циклус и претставува поголема визија за градење на една заедничка држава, која ја рефлектира хетерогеноста на нашето општество, изјави портпаролот од ДУИ, Арбер Адеми, и додаде дека веќе се прават консултации за заеднички настап со партиите од Европскиот фронт на претстојните локални избори.
Од Движењето ЗНАМ, кој е дел од владината коалиција, наведуваат дека досега немале никакви разговори за меѓусебна поддршка со коалициските партнери. Оттаму изјавуваат дека се сконцентрирани на формирање на нови општински организации во пресрет на изборите, по што ќе следува процедура за потенцијалните кандидати.
Последниов период во јавноста се чувствува предизборната кампања, особено од функционери на ВМРО-ДПМНЕ, за можен избор за градоначалник на Скопје. Амбиција јавно изрази министерот за локална самоуправа Златко Пирински.
-Сметам дека можам да одговорам на предизвикот затоа што имам визија, имам план како Скопје конечно да стане европска метропола, но, секако, таа одлука ќе ја оставам на претседателот и на извршните тела на партијата. Јас сум убеден дека кој и да биде кандидатот, ќе биде едногласно поддржан од сите нас, изјави Перински на заедничката прес-конференција со Мицкоски во Владата.
Меѓу најспоменуваните имиња за кандидати на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ за скопски градоначалник се Орце Ѓорѓиевски од Кисела Вода и Бобан Стефковски од Гази Баба. Тие, во изминативе недели, речиси водат и отворена кампања за нивниот избор во рамките на внатрепартиската процедура кој што треба да заврши во мај, а кога ќе се знаат и најголемиот дел од кандидати за другите општини. (П.А.)