Поради екстремна промена на времето во Европа и на Балканот и пад на температурите кои деновиве се искачуваа во интервалот од 23 до 30 степени, се очекува веќе од среда или четврток повторно да затоплат радијаторите на корисниците на парното греење во Скопје.

– Веќе од среда, па сè до крајот на следната недела, под влијание на силен и ладен атмосферски фронт од север и од северозапад, во Македонија очекуваме нагла и екстремна промена на времето. Ќе има обилни врнежи од дожд, а температурите значително ќе опаднат. Во одредени региони, дури и за повеќе од 15 степени во споредба со сегашните. Поради заладувањето, на планините над 1.300-1.400 метри ќе има врнежи од снег, со што ќе се формира снежна покривка – објави метеопрогнозерот Славчо Попоски.

Според него, максималните дневни температури на воздухот од среда, а особено од четврток  ќе се искачуваат во интервалот само од 4 до 12 степени. Инаку, денеска грејната сезона официјално треба да заврши со можност да продолжи до 30 април во зависност од надворешните временски услови.

– Снабдувањето со топлинска енергија, согласно регулативата, по правило се врши до 15 април, но грејната сезона може да биде продолжена, до 30 април, во зависност од временските услови. Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите по 15 април секојдневно носи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ  ако се исполнети условите за снабдување со топлинска енергија, односно доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12°С според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи на РСМ – потенцираат од „ЕСМ-Снабдување“.

Што се однесува до утрешниот ден (16 април) од „ЕСМ-Снабдување“ истакнуваат дека не се создадени услови за производство, испорака и снабдување со топлинска енергија, односно утре нема да има парно греење.

– Оваа информација е согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на СРМ, а врз основа на прогнозираната средна дневна температура на воздухот во Скопје од 19˚С за 16.4.2023 година од Управата за Хидрометеролошки работи – нагласуваат од „ЕСМ-Снабдување“.

За сите неопходни информации потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 02/3076-200 и 075-400-100

(С.Бл.)