Паркот „Радост“ во Реонски центар до средината на мај со финален изглед

47

До средината на мај паркот „Радост“ во Реонски центар во општина Аеродром ќе го добие својот финален изглед. Неговата изградба и уредување е во завршна фаза.

– Во паркот, кој е со површина од околу 6.000 квадратни метри, поставен е систем за осветлување со канделабри, во овој момент се градат пешачките патеки, а се врши и хортикултурно уредување на просторот, по што ќе биде монтирана и современа урбана опрема, клупи за седење и канти за отпадоци – информираат од Општина Аеродром.

В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, вчера заедно со други претставници на Општината и на Советот извршија увид во градежните активности на терен.

Притоа, во паркот беа засадени симболични 62 високостеблести платани, донација од Европската Унија во рамките на проектот „ЕУ за чист воздух“.

Во рамките на истиот проект, во четвртокот, во дворот на ООУ „Лазо Ангеловски“ исто така беа засадени 30 садници, при што претставници од Првиот скопски извиднички одред преку практични примери ги запознаа учениците со важноста на урбаното зеленило и влијанието на дрвјата врз квалитетот на воздухот.

– Општина Аеродром, покрај изградба на нови паркови и хортикултурно уредување на голем број локации, интензивно работи и на целосна реконструкција и обнова на веќе постојните паркови, со што жителите ќе имаат пријатни места за одмор, дружење и релаксација, особено во текот на летниот период – потенцираат од локалната самоуправа.

 

ИЗДВОЕНИ