Дебитантите во Евролигата, кошаркарите на Париз, се најпријатното изненадување во досегашниот дел и ретко кој знае дека клубот постои само шест години.
Избраниците на Тијаго Сплитер ја забележаа петтата последователна победа на елитното натпреварување откако го победија и неодамнешниот лидер на натпреварувањето, тимот на Жалгирис. Па така, францускиот тим го чека мечот со Барселона во Каталонија со скор од шест победи и три порази.
Уште пред да мине половина од сезоната, Париз им порача на сите дека нема да биде само топовско месо за силните евролигаши, туку дека сака да дојде до трофејот и во Евролигата откако му успеа тоа и во Еврокупот минатата сезона. Лидер на овој тим е натурализираниот македонски репрезентативец, Ти-Џеј Шортс, кој брилира оваа сезона во Евролигата и е еден од најдобрите поентери со 20 поени во просек.
- Момците играат брилијантно и напорно на секој натпревар. Ова е резултат на нивната дисциплина, на тоа колку напорно играат. Заедништвото е нивната најголема вредност – вели поранешниот ученик на Грег Поповиќ, Сплитер.
Пред Жалгирис, Ти-Џеј Шортс и неговиот тим ги совладаа Монако и Алба на гости, а Партизан и Басконија – пред своите навивачи, во новата „Адидас арена“.
На последните седум натпревари, тимот забележа шест победи, а лесно можеше да ги има сите седум доколку го совладаше Баерн во неизвесната завршница.
Во овој осврт кон Французите и нивниот подем, вреди да се напомене дека Париз како клуб постои од 2018 година.
Не се памети дека постои клуб, веројатно нема, што успеал да стане важен фактор во европската кошарка за толку кратко време. Сето тоа што го прави сезонава, клубот го најави минатата, кога ги „прегази“ сите во Еврокупот и дојде до титулата со само еден пораз.
Тимот на Сплитер нема ѕвезда, а меѓу најдобрите е феноменалниот Шортс, кој со своите 175 сантиметри прави мали чуда. Исто така, овој кошаркар е ставен и на поширокиот список на селекторот Александар Јончевски за мечевите со Литванија, кои ќе ги одигра нашата селекција во ноември.