– Владата требаше да ги намени тие средства за поддршка на малите производители на еколошка храна, поддршка на малите маркети, занаетчиството и на малото стопанство, со што директно ќе се овозможеше економски раст на малото стопанство, зголемување на производството и на вработеноста. Наместо тоа, ова е во насока за кампања на локалните избори, а унгарскиот кредит ќе го плаќаме ние сите, вели Љупчо Балкоски од ВМРО-НП
Се заокружи постапката за пласман на 250. милиони евра од унгарскиот заем кон компаниите. Договорите што ги одобри Владата на последната седница се веќе потпишани од Министерството за финансии и од Развојната банка. Во тек е постапката за потпишување на договорите на Развојната банка со деловните банки, преку што ќе се пласираат средствата кон крајните корисници, компаниите.
Љупчо Балкоски од ВМРО-НП има забелешки на условите за користење на кредитот од Унгарија.
– Владата требаше да ги намени тие средства за поддршка на малите производители на еколошка храна, поддршка на малите маркети, занаетчиството и на малото стопанство, со што директно ќе се овозможеше економски раст на малото стопанство, зголемување на производството и на вработеноста. Меѓутоа, место тоа, Владата се одлучи од кредитот, преку банките, да можат да се финансираат проекти до 10 милиони евра, изградба на фотоволтаици и на трговски центри, кои ги имаме премногу, и заедно со доставените средства во општините, сето ова да се насочени за кампања на локалните избори, а унгарскиот кредит ќе го плаќаме ние сите – вели Балкоски.
Од Министерството за финансии, пак, нагласуваат дека со ова се поведува инвестициски циклус во приватниот сектор од над 250 милиони евра, имајќи предвид дека корисниците на кредитите треба да учествуваат со 20 проценти сопствени средства во реализација на инвестицијата.
– Средствата од страна на банките ќе се одобруваат и исплаќаат врз основа на доставената документација, во транспарентна постапка, која ќе овозможи и соодветна контрола на искористувањето на средствата. Целта на Владата со оваа мерка е да се поддржат што е можно повеќе инвестиции, кои ќе придонесат кон забрзување на економскиот раст – наведува Министерството за финансии.
Средствата, согласно со усвоените услови од Владата и потпишаните договори, може да се користат за основни средства од страна на сите компании во сите сектори, со исклучок на секторот производство или трговија на алкохолни пријалаци, освен пиво и вино, производство или трговија со тутун, како и дејности поврзани со коцкањето, казината и еквивалентните претпријатија. Исто така, средствата нема да може да се користат за рефинансирање на претходни заеми.
Ризикот за доделување на кредитите е кај банките, бидејќи тие одлучуваат кому ќе му дадат и дали имаат тие компании издржани планови. Во дистрибуцијата на средствата од оваа кредитна линија се вклучени сите 13 банки.
(С.Бл.)