Последните јавни достапни податоци покажуваат дека јавниот долг на државата, заклучно со 30 октомври 2024 година, изнесува 8,84 милијарди евра, од кои 3,54 милијарди евра се внатрешен јавен долг. Висината на јавниот долг што надмина 60 проценти од БДП, како лимит дефиниран во Законот за буџети, е цел на критики на целата експертска јавност. Економскиот аналитичар Абил Бауш вели за весникот ВЕЧЕР дека задолжувањето од домашниот и од надворешниот пазар е индикатор за финансиските потреби на државата, кои, главно, произлегуваат од дефицитот во буџетот. Според него, Владата треба да се фокусира на структурни реформи за да ги зголеми приходите од даноците, а не само на континуирано задолжување. – Задолжувањето треба да биде насочено кон капитални инвестиции, кои ќе поттикнат економски раст, наместо кон тековни расходи. Домашниот пазар треба да остане стабилен и ликвиден за да не се поткопа улогата на приватниот сектор во економијата, вели тој
Министерството за финансии продолжи со континуираното издавање хартии од вредност. Од Македонската берза информираа дека, на барање од Министерството за финансии, на официјалниот пазар, на потсегментот Берзанска котација од 27.11.2024 година, котираат две државни обврзници без девизна клаузула, и тоа едната е двегодишна, со вредност од 1.992.670.000 денари и со каматна стапка од 3,85%, а другата е вредна 3.519.100.000 денари, на 15 години, со каматна стапка од 5,60 %.
Претходната Влада почна, а оваа го продолжи курсот на поголемо задолжување на домашниот пазар. Досегашното искуство покажа дека постојано со нов долг се крпи стариот што достасува и плус се земаат пари за новиот буџетски дефицит. Последните јавни достапни податоци покажуваат дека јавниот долг на државата, заклучно со 30 октомври 2024 година, изнесува 8,84 милијарди евра, од кои 5,30 милијарди евра се надворешен долг, а 3,54 милијарди евра се внатрешен јавен долг.
Висината на јавниот долг што надмина 60 проценти од БДП, како лимит дефиниран во Законот за буџети, е цел на критики на целата експертска јавност. Економскиот аналитичар Абил Бауш вели за весникот ВЕЧЕР дека задолжувањето од домашниот и од надворешниот пазар е индикатор за финансиските потреби на државата, кои, главно, произлегуваат од дефицитот во буџетот.
– Задолжувањето од надворешни извори обично укажува на потреба за поголеми финансиски средства, што не можат да се обезбедат на домашниот пазар без да се предизвикаат инфлаторни притисоци или нарушување на ликвидноста во економијата. Домашното задолжување преку банките, пак, може да ја намали достапноста на кредитите за приватниот сектор, со што се намалуваат можностите за економски раст. Ако Владата континуирано се задолжува, тоа покажува дека јавните приходи не се доволни за покривање на тековните расходи и капиталните инвестиции, што може да укаже на лоша финансиска состојба. Но, важно е да се разгледа и за што се користат овие средства – дали за тековни расходи или за капитални инвестиции што носат долгорочни бенефити – вели Бауш.
Според него, задолжувањето на домашниот пазар е ограничено со законските рамки утврдени од Собранието, кои го дефинираат максималното ниво на јавниот долг и на дозволениот дефицит.
– Дополнително, прекумерното задолжување на домашниот пазар може да предизвика т.н. „crowding out“ ефект, каде што Владата ја апсорбира ликвидноста, што го намалува пристапот на приватниот сектор до капитал. Ова е особено ризично во економиите како македонската, каде што приватниот сектор е главен двигател на економскиот раст – констатира Бауш.
Тој објаснува дека издавањето долгорочни хартии од вредност овозможува репрограмирање на јавниот долг, со што се намалува притисокот за враќање на долговите во краток рок.
– Ова е стратегија што може да донесе финансиска стабилност доколку е добро планирана, бидејќи се ослободуваат тековни буџетски средства за други потреби. Сепак, долгорочното задолжување носи ризици поврзани со идните каматни стапки и потенцијалниот пораст на долгот како процент од БДП, што ја намалува фискалната флексибилност на Владата – вели Бауш.
Владата и банките имаа долги преговори околу условите за кредитите од унгарскиот заем за домашните компании што ќе се доделуваат преку банките. Според него, долгите преговори се показател за обидите да се најде баланс меѓу финансирањето на јавниот сектор и заштитата на интересите на приватниот сектор.
– Ниските каматни стапки на државните обврзници ја намалуваат атрактивноста на штедењето, што е на штета на штедачите. Ова може да ја поттикне Владата да продолжи со евтино задолжување, но долгорочно ја намалува довербата во банкарскиот сектор и ја ограничува неговата способност да финансира приватни иницијативи – констатира Бауш.
Според него, Владата треба да се фокусира на структурни реформи за да ги зголеми приходите од даноците, а не само на континуирано задолжување.
– Задолжувањето треба да биде насочено кон капитални инвестиции, кои ќе поттикнат економски раст, наместо кон тековни расходи. Домашниот пазар треба да остане стабилен и ликвиден за да не се поткопа улогата на приватниот сектор во економијата. Потребно е да се обезбедат транспарентност и отчетност за користењето на задолжените средства, со цел да се одржи довербата на граѓаните и на инвеститорите – вели Бауш, кој смета дека овие мерки што ги препорачува би можеле да ја зајакнат фискалната дисциплина и да го намалат ризикот од финансиска нестабилност на долг рок.
Во есенските проекции на Светската банка, Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист, истакна дека условите за унгарскиот кредит од една милијарди евра се поволни, но дека има ризик поврзан со фискалниот дефицит и со јавниот долг.
– До пред шест-седум години, Северна Македонија беше малку задолжена. Ова веќе не е случај – истакна Маџаревиќ-Шујстер.
Фискалниот совет, оценувајќи го предлог-буџетот за 2025 година, истакна дека неговите проценки се оти вкупниот јавен долг на крајот од 2025 година ќе изнесува 63,6 % од БДП, а заедно со достасаните, но ненамирени обврски на јавните институции и претпријатија – 68,4 % од БДП. Во предлог-буџетот за 2025 година е проектиран буџетски дефицит од 672,3 милиони евра. Надворешните задолжувања што стигаат за наплата се 801,6 милиони евра, а отплатата на домашниот долг треба да изнесува 274,8 милиони евра.
(С.Бл.)