Во последните пет години во земјава се склучени договори за јавни набавки во вкупна вредност од 5,8 милијарди евра, а 2,1 милијарда евра или 36 проценти од нив им припаднале само на 50 фирми, покажало истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
– Во листата на најголеми добитници на тендери се градежни компании, веледрогерии, дистирбутери на нафтени деривати… На дел од компаниите кои се на листата на 50 најголеми добитници на тендери, речиси целиот бизнис им почива на договори за јавни набавки – велат од ЦГК.
Само првите 10 фирми на врвот од оваа листа добиле тендери во вредност од 1 милијарда евра. Во првите 10 фирми се „Марковски Компани“ Битола, Д-р Пановски, „Пуцко Петрол“, „Алкалоид Конс“, „Енерџи Деливери Солушнс“, „Макпетрол“, „Илинден“ Струга, „Гранит“, „Македонски телеком“ и „Стентон Градба“ Битола.
Прворангираната фирма „Марковски Компани“ за 5 години има склучени вкупно 77 договори за јавни набавки во вредност од 151 милион евра. Дури 66 тендери им се склучени со државното претпријатие АД Електрани, во вредност од 141 милион евра. Последниот склучен договор на АД Електрани со „Марковски Компани“за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина е од 13 февруари годинава и како што соопштија вчера од РЕК Битола, истиот е еднострано раскинат затоа што „другата страна не ги извршува договорните обврски“. Генералниот директор на РЕК Битола, Тони Петрушевски изјави дека „овој економски оператор, со неодговорно постапување, покрај тоа што во континуитет не успевал да ги испорачува договорените количини јаглен, директно ја загрозил енергетската стабилност на државата“.
Второпласираната фирма Д-р Пановски во анализираниот петгодишен период има склучено 1.491 договор во вредност од 144 милиони евра. Трета е Пуцко Петрол од с. Пласница со склучени 1.776 договори во вредност од 137 милиони евра.
Фирмите кои добиле најголема вредност на тендерите во изминатите 5 години, во најголем дел, се од земјава, и ним им припаднале 95 % од вредноста на тендерите. Само 5 % земале фирми од странство. Притоа, убедливо најголем удел имаат скопските фирми, а по нив битолските.
Според дејноста, дури 39 % од вредноста на договорите отпаѓа на градежништвото каде припаѓаат и договорите на АД Електрани за користење на механизација и работници за ископ на јаглен. На второ место се тендерите за набавка на лекови и медицинска опрема во вредност од 559 милиони евра и удел од 27 %. На трето се нафтените деривати со вредност од 297 милиони евра и удел од 14 %. Сите други фирми, согласно дејноста, имаат удел под 10 %.
– Одредени компании во изминатите пет години имале поголема вредност на добиените тендери отколку вредноста на вкупните приходи што ги оствариле. Ова значи дека договорите се склучени, но побарувањата за нив или сè уште не доспеале или пак не се наплатени. Но, ова секако зборува дека бизнисот на овие компании целосно почива на јавните набавки – се потенцира во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.