Обвинителството во Париз денеска соопшти дека отворило истрага за социјалната мрежа „Х“ поради сомневања дека алгоритмите на платформата „најверојатно го нарушиле функционирањето на автоматизираните системи за обработка на податоци“.
Истрагата за работата на социјалната мрежа Х е отворена откако обвинителството на 12 јануари добило извештај од францускиот пратеник Ерик Боторел, кој ги осудил пристрасните алгоритми во работата на социјалната платформа Х, објави порталот Francetvinfo.fr.
Обвинителството рече дека алгоритмите „најверојатно ја нарушиле работата на системот за автоматска обработка на податоци“.
„Судии и стручни асистенти од одделот за компјутерски криминал кои се вклучени анализираат и вршат првични технички проверки“, се вели во соопштението на обвинителството.
Ерик Боторел, член на партијата Ренесанса во францускиот парламент, на платформата Х напиша дека видел „неколку“ публикации во кои се споменува „неправилната работа на алгоритмот“ на платформата Х, по што, како што наведе во објавата, на 12 јануари го контактирал сајбер обвинителството со „едноставно писмо на оваа тема“, пренесува Тањуг.