Посетеноста на музејот Лувр во Париз остана практично непроменета во 2024 година, со 8,7 милиони посетители, и покрај падот во текот на летото кога француската престолнина беше домаќин на Олимпијадата.
„Најголемиот музеј во светот ја одржува својата посетеност на ниво од 2023 година, со 8,7 милиони посетители во 2024 година, во споредба со 8,9 милиони една година пред тоа“, се вели во соопштението на администрацијата на Лувр.
Во јули и август, месеците кои делумно го опфаќаа периодот на Олимписките игри во Париз, музејот беше домаќин на 1,3 милиони посетители, што е за 14 отсто помалку во споредба со периодот јули-август 2023 година.
Лувр мораше да биде затворен на 25 и 26 јули, на денот на церемонијата на отворањето на Игрите.
„Сепак, Олимписките и Параолимписките игри му дадоа на Лувр глобална видливост, особено на отворено поради поставувањето на „олимпискиот пламен“ во паркот Туилери веднаш до музејот и тоа беше голем успех“, се вели во соопштението.
Во текот на 2024 година, Лувр примил 77 отсто од странските посетители, вклучувајќи 13 отсто Американци и многу Европејци (пет отсто од Италија, Велика Британија и Германија и четири отсто од Шпанија).
Кинеските посетители учествуваа со шест отсто, а во 2023 година 2,4 отсто.
Од Лувр додаваат дека 28 отсто од посетителите имаат корист од бесплатниот влез, додека музејот ги зголеми цените само пред една година, на 22 евра.