Од петок, сите маркети, аптеки и продавници за техника и мебел ќе мора да ги објавуваат цените на своите производи на нивните веб-страници. Објави на социјалните мрежи нема да се сметаат за исполнување на обврската која нема да важи за маркети и аптеки кои имаат до 10 вработени и приход под 50.000 евра годишно. Според новите измени во Законот за заштита на потрошувачите, цените ќе се ажурираат дневно, а непочитување ќе се санкционира од Државниот пазарен инспекторат.
Од Организација на потрошувачи на Македонија за весникот ВЕЧЕР велат дека со оваа мерка на потрошувачите ќе им се заштеди време и пари. Цените на производите ќе можат да ги следат онлајн и ќе купуваат таму каде што е најевтино, ако го имаат тој маркет во близина.
-И сега поголем дел од потрошувачите одат од маркет до маркет гледаат каде што има акции и каде што производот е поевтин за да го купат. Преку објавување на цените на интернет на потрошувачите ќе им се заштеди време со тоа што физички нема да одат од маркет до маркет, туку тоа ќе можат да го видат на интернет, да ги споредат цените и да купат таму каде што е поевтино. Сепак, се поставува прашање како оваа ќе функционира во руралните средини каде што поголем дел од потрошувачите немаат пристап до интернет и каде што нема ланци на големи маркети кои имаат обврска да ги објавуваат цените на интернет, изјави за весникот ВЕЧЕР, Тања Тасевска од ОПМ.
Оваа мерка не важи за локални маркети кои имаат до 10 вработени и за аптеки под 10 вработени. Но, во руралните средини најчесто се мали локални маркети и мали аптеки кои се исклучени од обврската да ги објавуваат цените на интернет и најчесто немаат свои веб-страници.
-Мерката е добра, но ќе видиме кога ќе почне да се применува, дали граѓаните ќе имаат време секојдневно да ги следат цените онлајн и дали ќе има ефект. Ова можност и досега постоеше во делот на техничките производи. Така купувачите кои сакаа да купат некој производ отвораа на веб-страниците на продавниците за техничка стока и гледаат каде има акции и каде е поевтино. И големите маркети досега имаа ваква практика на нивните веб страници еднаш неделно да објавуваат неделни акции, односно намалени цени на одредени производи. Сега тоа треба да го прават на сите производи и секој ден, објаснува Тасевска.
Од ОПМ велат дека со оваа мерка граѓаните ќе заштедат со тоа што ќе имаат можност да купат поевтино само ако тој маркет го има во нивна близина. Што се однесува до аптеките оваа мерка може да ја практикуваат само мал дел аптеки, бидејќи поголем број од аптеките во државата имаат под 10 вработени.
Конкуренцијата меѓу маркетите ќе придонесе за поголемо намалување на цените
Од стопанските комори сметаат дека мерката ќе придонесе за поголема транспарентност на цените на производите и поголеми заштеди на потрошувачите. Преку мерката ќе се создаде конкуренција меѓу маркетите која ќе создаде простор за понатамошно намалување на цените.
Горан Ѓорѓиевски од Агробизнис комората, при Сојузот на стопански комори на Македонија, вели дека мерката е добра и ќе придонесе за поголема транспарентност, полесно споредување и информирање на потрошувачите.
-Мерката ќе придонесе за подобро информирање на потрошувачите, зголемување на транспарентноста, визибилноста и следливоста на цените на производите. На тој начин граѓаните ќе имаат можност секојдневно да знаат кој производ каде и по која цена се продава. Не сум сигурен дека маркетите ќе успеат да ги ажурираат сите цени секој ден, но штом е законска обврска ќе мораат. Ќе бидат контролирани од Државниот пазарен инспекторат и ќе следат казни, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ѓорѓиевски.
Иако рокот за имплементирање на мерката е 18 април, неофицијално се размислува за пролонгирање до 1 мај поради технички предизвици и потребата од адаптација. Со измените на Законот за заштита на потрошувачите, се предвидуваат и нови прекршочни одредби, односно казни за трговците што нема да постапуваат во согласност со прописите.
-Мерката ќе придонесе за поголеми заштеди на потрошувачите со оглед на тоа дека ќе можат да ги видат сите цени за еден производ одеднаш. Така на пример ќе видат каде некој вид колачи се поевтини и ќе ги купат во тој маркет. На овој начин ќе се создаде конкуренција меѓу маркетите која ќе создаде простор за понатамошно намалување на цените, изјави за весникот ВЕЧЕР, Горан Малишиќ, претседател на Групација на мелничко-пекарската индустрија при Стопанска комора на Македонија.
На веб-страниците секој производ треба да биде објавен со име на производот, редовна продажна цена со вклучен ДДВ, цена по единица мерка, опис на производот и моментална достапност, цена со попуст, времетраење на попустот или акцијата. Овие информации мора да се ажурираат секој работен ден, за секој продажен објект посебно. Во случај на техничка грешка, трговецот е должен да ја коригира во рок од 24 часа.
Обврската се однесува на сите трговци со повеќе продажни места и широк асортиман производи. Микротрговците и трговците поединци се ослободени од оваа обврска. Трговците имаат рок од 45 дена да го прилагодат своето работење, односно до 18 април 2025 година. Подзаконскиот акт што го регулира ова, беше објавен десет дена по влегувањето во сила на Законот за заштита на потрошувачите – на 14 март.
Во меѓувреме, десетина ИТ-компании веќе понудиле решенија за веб-платформи, преку кои потрошувачите ќе можат во реално време да ги следат цените на производите, како и промените на истите. Изработката на ваков систем чини од 30.000 до 1 милион денари – во зависност од големината на трговецот – а одржувањето може да изнесува и неколку стотици илјади денари месечно.
Ваква регулатива веќе постои во Хрватска, Италија и Израел, а сега и Македонија прави чекор во таа насока – со цел да го заштити домашниот купувач од неконтролирани цени и неинформиран избор.
(А.С.)