Премиерот Христијан Мицкоски појасни дека средствата од буџетот што ќе бидат наменети за општините, ќе им бидат префрлени на локалните самоуправи откако ќе достават проекти и точно ќе се знае за кој проект колку средства ќе бидат наменети.

– Средствата ќе бидат префрлени до општините откако претходно општините ќе достават проекти на наменска сметка, нема да бидат префрлени на редовната сметка на општините за тие да ги користат за тековно работење – за плати или за плаќање на стари долгови – изјави Мицкоски.

Тој најави дека многу скоро ребалансот на буџетот ќе се најде во собраниска процедура и точно ќе се знае како и од која ставка ќе бидат обезбедени средствата.

– Имаме граѓани кои, за жал, во 21 век немаат вода за пиење во центарот на урбаните средини, да не зборувам за канализациски организирани средини, игралишта за најмладите, спортски или со детски играчки, улици, булевари, сè уште по кал се гази. Тоа се проектите што ќе бидат финансирани од оваа Влада – рече Мицкоски.

Во однос на инвестицијата со ветерниот парк што ја презентираше на вториот ден од изборот на Владата, Мицкоски рече дека сè е согласно со закон и дека земјиштето нема да се отуѓи, туку ќе му биде дадено на располагање на инвеститорот.

 – Сè е по закон, никакви привилегии, никакви права и никакви обврски немаат граѓаните, ниту државата – рече Мицкоски.