Доколку го зголемат нивото на наплата на данокот на имот и на комуналните такси, општините самите ќе си обезбедат повеќе пари за инвестиции, порача министерот за локална самоуправа, Златко Перински. Тој истакна дека фискалната децентрализација е жива материја и не е затворена како тема, како и дека постојано се комуницира со локалните самоуправи, водејќи сметка и за состојбата на централниот буџет, поради потребите за сервисирање на државниот систем.
– Оваа година има зголемување во делот на приходите шест проценти од ДДВ и персонален данок што е насочен кон локалните самоуправи. Сметам дека сме на солидно ниво, но сметам дека е поставена оваа фискална децентрализација на солидно ниво. Дополнително, оваа година предвидуваме 100 милиони евра за општините, следната година предвидуваме 250 милиони евра за општините. Кога зборуваме за фискалната децентрализација, она на што постојано апелирам за локалните самоуправи е дека мора поревносно да си ги собираат своите сопствени приходи, а тоа се даноците на имот и комуналните такси. Едноставно не можеме да се пофалиме со процент кој се движи некаде 50 отсто, дека е соодветно собирањето на сопствените извори на финансирање – истакна Перински.
На годишна основа, од тоа што несоодветно ги собираат данокот на имот и комуналните такси, локалните самоуправи губат од 100 до 120 милиони евра.
– Замислете со интервентна мерка ќе опфатиме повеќе од 274 проекти со овие 100 милиони евра, а замислете ревносно да ги собираат локалните самоуправи тие 100 милиони евра, секоја година, ќе има нов и нов инвестициски циклус – истакна Перински.