Се чека документацијата за ставање во употреба на техничкиот дел од гасоводот. Ова е одговорот на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски зошто на овој капитален проект сеуште не му се гледа крајот. И по изминати 13 години, изградбата на магистралните гасоводи не е целосно завршена и дел од нив не се ставени во употреба.

– Веднаш кога ќе пристигнат документите, ние како Министерство за транспорт и врски ќе формираме Комисија која што ќе изврши и технички прием и сме подготвени да веднаш го завршиме овој предмет кога ќе стигне во Министерството. До ден денеска таков предмет не е пристигнат – рече Бочварски кој присуствуваше на минирање за градежен материјал кој е потребен за изградба на брана на река Отиња.

Тој се пофали дека оваа Влада реализираше капитални проекти во делот на гасификацијата и тоа магистрални гасоводи во должина од 210 километри.

– Толку се немаат изградено во целиот останат период од независноста на Македонија до денеска и овие гасоводи се веќе реализирани од Штип до Неготино, од Неготино и Кавадарци до Прилеп и Битола се завршени како проекти, технички исправни и секако од Скопје преку Тетово до Гостивар – рече Бочварски.

Тој потсети дека во тек е постапката за избор на изведувач на првиот интерконектор со соседна Грција.

– Има постапка за избор на изведувач за првиот интерконектор со Република Грција со што енергетската независност на државата ќе ја подигнеме на едно уште повисоко ниво. И она кое што можам да го истакнам е дека овие гасоводи се веќе завршени и ми е исклучително драго технички исправни и фирмата веќе прави постапка на испробување, испитување на цевката пред да биде ставена во функција – изјави Бочварски.

Тендерот за избор на изведувач за изградба на интерконекторот за природен гас меѓу Македонија и Грција беше објавен кон крајот на ноември минатата година и беше најавено дека отворањето на понудите ќе биде за 60 дена, односно на 1 февуари 2024 година.

Предвидено е гасниот интерконектор да биде во должина од 123 километри и да се протега од Неа Месимвриа до Неготино и да ги поврзува двата национални системи за пренос на природен гас. На наша територија на делот од Гевгелија до Неготино ќе биде во должина од 67 километри  со очекувана вредност од над 83 милиони евра.

Управувањето со проектот за делот од гасоводот што ќе минува низ земјава, го презеде грчкиот оператор за природен гас ДЕСФА откако беше избран на тендерот објавен од државната компанија „Номагас“. Се очекува гасниот интерконектор  да биде завршен до средината на 2025 година.

Има пари за решавање на свлечиштата на автопатот Кичево-Охрид

Средства има за решавање на тринесетте нови свлечишта на автопатот во изградба Кичево-Охрид, но важно е што побргу да се направат техничките решенија за свлечиштата за да продолжи реализацијата и градбата.

– Во однос на реализацијата на автопатот Кичево – Охрид веќе најавивме дека согласно насоките од надзорниот инженер и целиот тим којшто работи од страна на надзорот и ФИДИК експертите беше дадена препорака за продолжување на рокот поради 13-те нови свлечишта коишто се појавија. Има средства што се ставени на располагање за да бидат реализирани токму поради тоа не се побараа нови средства за реализација на овој автопат. Важно е да се направат побргу техничките решенија за свлечиштата коишто се појавија и да продолжи реализацијата и градбата на оваа делница од Коридорот 8 – рече Бочварски.

(С.Бл.)