Папата Франциск продолжува да закрепнува од билатералната пневмонија, соопшти денеска Ватикан, а врховниот поглавар на Римокатоличката црква денеска по четврти пат отсуствуваше од неделната молитва.
По повеќе од три недели поминати во болница, 88-годишниот папа добро реагира на лекувањето и во последните денови покажува „постепено, благо подобрување на здравјето“, се вели во соопштението, пренесува АП.
Во неделниот извештај се вели дека папата Франциско почива по мирна ноќ.
„Според лекарите, папата Франциско, кој има хронично белодробно заболување бидејќи како млад човек му е извадено дел од едното белодробно крило, е стабилен, без температура и со добро ниво на кислород во крвта“, соопшти Ватикан.
Лекарите веруваат дека стабилната состојба на папата „сведочи за добар одговор на терапијата“, што беше првпат лекарите да потврдија дека поглаварот на Римокатоличката црква позитивно реагира на лекувањето на сериозната белодробна инфекција која беше дијагностицирана по неговата хоспитализација на 14 февруари. Сепак, лекарите истакнуваат дека се „внимателни во прогнозите“, што значи дека папата се уште не е надвор од животна опасност.