Папата упати благослов до македонскиот народ – на подарок доби книга од адвокат од Македонија

8542

На плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, папата Франциск одржа општа аудиенција пред повеќе од 1.000 гости. Поканата за специјалната ложа ја доби и нашиот адвокат од Скопје, Иван Шајн, кој е христијанин со православна вера и кој по беседата на папата доби доби благослов за семејството и за македонскиот народ. Шајн за весникот „ВЕЧЕР“ ги пренесува силните впечатоци од аудиенцијата и од средбата со папата Франциск.

Папата својата катахеза на општата аудиенција, меѓу другото, ја посвети и на Меѓународниот ден на борба против злоупотреба и илегалната трговија со дрога, повикувајќи ги сите на морална должност што ја имаме за прекин на  производството и промет на опојните дроги, бидејќи „оваа несреќа која произведува насилство и сее очај и смрт, бара храброст од целото општество“, порача папата.

Со оглед дека оваа недела се прославува празникот на светите апостоли Петар и Павле, заштитници на Рим, папата порача: „Бидете мисионерски ученици  следејќи го нивниот пример, сведочејќи насекаде за убавината на Евангелието.  Им го  доверуваме народот на Украина, Палестина и Израел, за да можат наскоро повторно да најдат мир”.

По говорот, Иван Шајн на папата Франциск му подари „Ѕвоно на слободата“, книга за дипломатијата на Михајло Пупин и неговата борба за југословенските територии на Версајската мировна конференција, кога беа исцртани новите граници на Европа. Благодарение на Пупин, Македонија ги сочува своите граници со кои влезе во СФР Југославија, а подоцна излезе од таа држава. Автор на книгата е Жељко Шајн, почитуван новинар, дописник на „Политика“ од Македонија.

„Ова е посебен момент во мојот живот. Тешко е да се најдат вистинските зборови, сметам дека љубовта и мирот немаат алтернатива. Ова како посвета му го напишав на папата на семејната книга за Пупин, светскиот научник  од Идвор, кој по потекло по неговиот дедо е од Вевчани, убаво мало место во Македонија, а кој својот сон го оствари во Америка. Денеска, уште еднаш сфатив дека нè грее истото сонце, а на нас е да се приспособиме едни на други и во слога да живееме под светлоста на Бог, која не сите еднакво нè осветлува“, вели за весникот ВЕЧЕР, од Ватикан, Иван Шајн.

В.М.Б.