Папата се појави пред верниците во Ватикан: „Драги браќа и сестри, среќен Велигден“/ВИДЕО

58

Папата Франциск денеска на Велигден се појави пред верниците на плоштадот Свети Петар во Ватикан и на толпата верници накратко им посака: „Среќен Велигден“.

Светиот Отец, кој има 88 години, се појави во инвалидска количка и мавташе од балконот на базиликата Свети Петар кон илјадниците насобрани верници кои го поздравиле со голем аплауз, пренесува Индекс.

Неговото појавување се дочека со големо исчекување, бидејќи минатиот месец беше пуштен од болница по пет недели третман поради инфекција која премина во билатерална пневмонија.

Лекарите тогаш најавија дека ќе му треба најмалку два месеци одмор во резиденцијата на Ватикан. Во пресрет на Велигден, папата оваа недела имаше само два јавни настапи.

Илјадници католици од целиот свет се собраа во Рим на велигденската миса, како дел од посебната јубилејна година што Католичката црква ја слави на секои 25 години и која носи милиони аџии во Вечниот град.

Јубилејната година започна на 24 декември кога Папата ја отвори Светата врата на базиликата Свети Петар – врата која е вообичаено заградена, низ која поминуваат верниците со надеж дека ќе им бидат простени гревовите.

ИЗДВОЕНИ