Утре, во 9 часот по локално време, телото на папата ќе биде пренесено во базиликата „Свети Петар“, каде што верниците ќе можат да му се поклонуваат до времето на погребот, кој е закажан за в сабота, на 26 април, со почеток во 10 часот. Во соопштението на Канцеларијата за печат на Светата Столица се посочува дека погребната миса на римскиот бискуп ќе се отслужи на плоштадот „Свети Петар“, на првиот ден од традиционалниот деветдневен период на жалост. Светот жали по папата, а земјите со претежно католичко население прогласија денови на жалост. Пораки со сочувство испратија и поглаварот на МПЦ-ОА Стефан, македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски. Нов папа ќе избираат само кардиналите помлади од 80 години, а најмладиот меѓу нив има 44 години и е Украинец, кој ја претставува Австралија. Две третини од избирачите се поставени од папата Франциск, така што не е исклучено да се избере папа кој ќе го продолжи неговото дело
Папата Франциск, кој на 88-годишна возраст почина во понеделникот изутрина, од мозочен удар, што предизвикал кома и неповратен застој на срцето, е изложен во сандакот, онака како што побара во тестаментот што го остави. Телото на папата е во отворен ковчег во капелата на резиденцијата „Санта Марта“, каде што живееше во текот на сите 12 години на неговиот понтификат.
Како што соопшти Ватикан, утре во 9 часот по локално време, телото на папата ќе биде пренесено во базиликата „Свети Петар“, каде што верниците ќе можат да оддадат последна почит до времето на погребот, кој е закажан за в сабота, на 26 април, со почеток во 10:00 часот. Во соопштението на Канцеларијата за печат на Светата Столица се посочува дека погребната миса на римскиот бискуп ќе се отслужи на плоштадот „Свети Петар“, на првиот ден од традиционалниот деветдневен период на жалост. Погребната литургија ќе ја води кардиналот Џовани Батиста Ре, декан на Колеџот на кардинали.
Папата кој му го сврти грбот на раскошот на Ватикан во вечното почивалиште заминува оди онака како што живееше – скромно. Тој уште лани побарал неговото последно испраќање да биде едноставно, а не свечено и раскошно како што е вообичаено кога е во прашање папа. Тој ќе биде првиот папа, по повеќе од едно столетие, кој нема да почива во криптата на базиликата „Свети Петар“, туку во базиликата „Санта Мариа Маџоре“ во Рим, каде што се наоѓа неговата омилена икона на Богородица. Тој исто така побарал да биде закопан во едноставен дрвен сандак, за разлика од вообичаената практика папите да се погребуваат во троен сандак од чемпрес, олово и даб. Според барањето на папата неговиот гроб би требало да биде во земја, едноставен без посебни украси и со само еден натпис на латински јазик: „Franciscus“.
Светот жали по папата. Веднаш по објавата за неговата смрт, верниците во голем број се собраа на плоштадот „Свети Петар“ каде што Ватикан им подели соопштение за неговото заминување. Државите со претежно католичко население прогласија повеќедневна жалост, а голем број државници испратија пораки со сочувство за починатиот папа. Меѓу нив и македонските. „Како народен папа, му го честиташе на христијанското семејство Христовото воскресение и утринава мирно си замина во вечноста. Јас, пак, по четириесетината минути незаборавен разговор, ќе го помнам по исклучителниот ум, мудрост, топлина и едноставност“, напиша претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на социјалните мрежи, која постави и фотографија од минатогодишната аудиенција кај него. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека Неговата Светост, папата Франциско, бил духовен водач кој зад себе остава неизмерно хуман, чесен и посветен траг во историјата на современиот свет. Архиепископот охридски и македонски Стефан испрати писмо со сочувство адресирано до кардиналот Кевин Џозеф Фарел. Меѓу другото во писмото пишува: Дозволете ни од свое име, и од името на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како и од името на сета полнота на нашата Помесна православна црква, Вам, на клирот и на сите католички верници насекаде по светот, како и на сите луѓе кои ги почитуваа личноста и делата на папата Франциск, да Ви изразиме искрено сочувство по повод на неговото упокојување… Неговата Светост, папата Франциск, во историјата на македонскиот народ ќе остане запаметен како единствен папа кој посака и ја посети Република Македонија.
За починатиот папа Франциск тагува и Индонезија, земја со најголема муслиманска популација во светот, во која 90 проценти од жителите се муслимани. Оваа земја му оддава почит на папата и ја фали неговата посветеност на меѓуверското разбирање и неговиот став за израелската офанзива во Газа.
Десетици високи претставници на држави во светот веќе го најавија своето присуство на погребот. Меѓу нив и американскиот претседател Доналд Трамп, кој изјави дека се радува што со својата сопруга ќе дојде во Ватикан. Присуство најавија и францускиот претседател Емануел Макрон, украинскиот Володимир Зеленски, бразилскиот претседател Луис Инацио Лула да Силва, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен…, а Кремљ јави дека рускиот претседател Владимир Путин не планира да оди на погребот.
Официјалната резиденција на папата сега е запечатена, врзана со црвена лента што симболично го означува периодот на жалост. Ватикан е во фаза на седисваканција, што значи празна столица, а со црквата управува Колеџот на кардинали. Кардиналите наскоро треба да се состанат за да ја организираат конклавата, односно состанокот за избор наа кардинал. Од повеќе 220 кардинали од над 70 земји, колку што ги има, само околу 120 ќе го избираат новиот папа, а тоа се оние помлади од 80 години. Најмлад меѓу нив е австралискиот кардинал, кој е Украинец. Тоа е 44-годишниот Микола Бичок, кој е избран во декември лани. Две третини од кардиналните кои го избираат новиот папа беа избрани од Франциск во последните 10 години и се смета дека електоратот во голема мера ја одразува неговата визија за поинклузивна црква.
Секој од кардиналите на ливчето за гласање го пишува името на лицето кое би сакало да биде папа, а гласањето се повторува додека еден од кандидатите не добие две третини од гласовите. По секој неуспешен круг на гласање од оџакот на Сикстонската капела каде што се одржува конклавата излегува црн чад, кој се добива со палење на ливчињата и додавање хемикалија. Кога ќе се избере нов папа, од оџакот излегува бел чад. Оваа илјадагодишна традиција секојдневно е проследена од илјадници верници на плоштадот пред капелата во очекување на белиот чад.
Веќе се шпекулира кој би можел да биде новиот папа, а работат и кладилниците. Потенцијални кандидати за нов папа се архиепископот Марсеј Жан-Марк Авелин (66) од Франција, кардиналите Петер Ердо (72) од Унгарија, Марио Греч (68) од Малта, Пјетро Паролин (70) од Италија, Луис Антонио Гоким Тагле (67) од Филипините, кој е фаворит во кладилниците, Џозеф Тобин од Њуарк, САД, Питер Кодво Турксон (76) по потекло од Гана, надбискупот на Болоња Матео Марија Зупа (69)…