„Панонскиот адмирал“ е книга за кариерата на еден голем поет и за падот на една голема држава. Ова е професионална биографија на Балашевиќ и збирка од лични и од колективни сеќавања. Балашевиќ беше сјаен хроничар и мудар толкувач на нашето време. Во текот на деведесеттите години на 20 век, стана симбол на отпорот кон длабоката балканска провинцијализација и кон војната. Сепак, пред сè, ќе го паметиме како поет на интимата и на човечките чувства, како поет на љубовта
Со многу емоции, сеќавања, анегдоти и музика, во присуство на многубројни обожаватели од сите генерации, во петокот (4 април),во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ беше промовирана книгата посветена на Ѓорѓе Балашевиќ, „Панонскиот адмирал“ од Иван Ивачковиќ.
Долгоочекуваната биографија за еден од најголемите музичари на овие простори, која е во издание на „Арс либрис“, беше претставена во рамките на второто издание на фестивалот за литература и општа култура „Видик“. Промоторка на македонското издание на книгата беше уредничката Бисера Бендевска.
Во оваа интимна и професионална биографија е застапена колекција од ексклузивни и некои досега необјавени фотографии од Балашевиќ. „Панонскиот адмирал“ е книга за кариерата на еден голем поет и за падот на една голема држава. Ова е професионална биографија на Балашевиќ и збирка од лични и од колективни сеќавања. Балашевиќ беше сјаен хроничар и мудар толкувач на нашето време. Во текот на деведесеттите години на 20 век, стана симбол на отпорот кон длабоката балканска провинцијализација и кон војната. Им се спротивставуваше на силата на глупоста и на глупоста на силата. Сепак, пред сè, ќе го паметиме како поет на интимата и на човечките чувства, како поет на љубовта. Веќе неколку генерации ги носат неговите песни под кожата. Стави потпис на обемна дискографија без слаб албум, што е реткост и во интернационални размери. „Панонскиот адмирал“ е поклонување пред неговата уметност и неговиот цивилизациски ангажман.
Иван Ивачковиќ, кој е познат српски автор кој пишува за музиката речиси четириесет години, ја има следено кариерата на Балашевиќ уште од 80-тите години и не го криеше своето долгогодишно одушевување од неговата музика.
− Ѓоле беше талент што се појавува еднаш во векот. Безброј пати ни потврди дека е најдобриот поет што сме го имале на овие простори, најголемиот современ поет на нашето време. Се запознавме во 1986 година, кога работев како новинар. Долго избегнував да се запознам со него, затоа што толку многу ги сакав неговата музика и стиховите, што се плашев дека, можеби, ќе се разочарам од личноста. А, и самиот Ѓоле велеше, ако сакате да продолжите да сакате нечија поезија, држете се настрана од поетот, бидејќи поетот често не е слика на неговите дела. До последен момент мислев дека ќе биде така. Но, запознав еден топол, срдечен, духовит и паметен човек, кој беше олицетворение на своите стихови и кој најде еден совршен баланс меѓу срдечноста и пристојното однесување. Знаеме дека ретко среќаваме такви луѓе во животот и со време, меѓу нас се разви реална релација исполнета со почит и љубов до тој степен што си имавме меѓусебни шеги. На пример, често ме задеваше за мојата омилена група, „Ролинг стоунс“ (за која имам напишано и книга), која не му беше баш омилена. Дел од тие ситуации ги имав напишано во првата верзија на книгата и мислев дека има некаков шарм, но кога бев на средина од ракописот, Ѓорѓе се пресели над облаците. Тогаш си помислив, јас не можам да ја завршам оваа книга. Се познававме 30 години, не е малку, но мислев дека немам сила да ја завршам. Но, ми се јавија Биља Крстиќ, Цаки Кравиќ и многу други, кои ме убедуваа дека морам да ја завршам книгата, бидејќи таа е споменик на уметноста на Ѓоле. Благодарение на тие луѓе, денес ја имаме книгата – рече Ивачковиќ.
Идејата за книгата се родила во 90-тите години, непосредно по објавувањето на албумот „Један од оних живота“, за кој Ивачковиќ напишал осврт во „Политика“.
− Несомнено, Балашевиќ не беше само поетска величина туку беше и вонсериски музичар и пејач, иако, можеби, за некои, тој не беше врвен пејач, според мене, беше исклучителен и само тој знаеше да ги испее своите песни на врвен начин што е неповторлив. Негова најсилна страна беше пишувањето стихови, на кои сè уште сите им се воодушевуваме. Исто така, Балашевиќ не беше само поетска и музичка појава туку и политичка појава. Не смееме да го заборавиме тоа – тој водеше истрајна и силна борба против една зла власт каква што беше во Србија во 90-тите години. Доколку сè уште беше меѓу нас, верувам дека ќе ги поддржеше актуелните студентски протести и деновиве ќе се упатеше со нив кон Стразбур – додаде Ивачковиќ, кој го почна своето обраќање стоејќи, оддавајќи им почит на загинатите во трагедијата во Кочани, но и на жртвите во несреќата во Нови Сад.
Публиката се потсети и на најголемите хитови на Балашевиќ, со изведба на младиот бенд „Rumble Acoustic“ во состав Трајче Стојанов и Александар Јовановски. Тие ги отсвиреа незаборавните: „Прва љубав“, „Свирајте ми ’Јесен стиже, дуњо моја‘“, „Душо моја“, „Ал’ се некад добро јело“, „Само да рата не буде…“