Директорот на Управата за извршување санкции – Александар Пандов денеска изјави дека мобилниот телефон Васил Јованов го набавил од друг притвореник од соседна ќелија, благодарение на затворски полицаец, кој го овозможил тоа.
– Сознанието е дека убиецот на Фросина телефонот го обезбедува од друго притворено лице од соседна ќелија, благодарение на затворски полицаец кој што од едната ќелија носи кутија со колачи во собава каде што се наоѓа Васил Јованов. За тоа е направено плаќање од 250 евра надвор на братов на лицето кое што му го обезбедило телефонот. Тие телефони се одземени, изјави Пандов.
Директорот на Управата додаде дека против лицето е поднесена претставка и истото ќе биде суспендирано.
– Во моментов е еден, меѓутоа не е еден, јас сум сигурен дека повеќе се вклучени во овој синџир, нагласи тој.
Јованов, кој ја прегази 22 годишната Фросина Кулакова го добил телефонот од друг притвореник во затворот Шутка, откако негов роднина дал пари на братот на притвореникот, кој му го обезбедил телефонот.
На осомничениот за смртта на Фросина, 20-годишниот Јованов му е одреден притвор од 30 дена, а според Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, тој на 29 јануари, поминувајќи на црвено светло, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, ја прегазил Кулакова која на обележан пешачки премин ја преминувала коловозната лента на бул. „Партизански Одреди“. Јованов доби притвор поради опасност од бегство, повторување на делото и влијание во постапката. Според обвинителството, тој бил под дејство на алкохол и без возачка дозвола кога ја прегазил Фросина на пешачкиот премин на „Партизанска“.
Пандов и вчера потврди дека кај 20-годишниот возач е пронајден мобилен телефон и најави дисциплинска постапка откако ќе биде утврдено кој го обезбедил телефонот, иако, како што рече, се сомнева дека се повеќе вработени лица.