Палевски во улога на адвокат со ново алиби, во време на убиството бил во банка

2177

Она што допрва треба да следи е сведочењата на обвинетите, ќе можат да си поставуваат и прашања меѓу себе, а јавноста во судницата би требало да го дознае она што членовите на партијата Десна, освен нивниот лидер Палевски, го признале во полициска станица во Скопје. Денеска, пак, обвинетиот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски беше во улога на адвокат, испрашуваше сведок бараше од судот да му бидат набавени докази со кои како што тврди би го докажал неприсуството со останатите обвинети за време на убиствата

Првообвинетиот во улога на адвокат, Љупчо Палевски, на денешното рочиште за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, испрашуваше сведок на негов предлог и бараше од судот да му дозволи да прибави докази од една банка и една телекомуникациска мрежа. Неуморен беше Палевски да им реплицира на обвинителките Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитриевска, кој се спротивставуваа на неговите предлози за прибавување на докази, со цел да си направи алиби, спротивно на она што е наведено во обвинителниот акт – дека е организатор и извршител на двете убиства заедно со обвинетите Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев.

Она што Палевски како одговор проба да го извлече од сведокот Стојан Кујунџиски, полицаец во СВР Велес, се однесуваше на пиштолот марка „зброевка 75Б“, за кој Боре викан Каратистот имал дозвола, но при претресот во неговиот дом, ден по откривање на убиствата, оружјето не било пронајдено. Имено, полициските службеници од домот на Видевски одзеле ловна пушка и 9-милиметарски куршуми од пиштол.

–Каде е пиштолот „зброевка“ за кој му одзедовте дозвола за поседување на Боре Видевски?, го праша Палевски сведокот, на што овој одговори дека пиштолот бил баран при претресот во домот на обвинетиот Видевски, но не го пронашле и за тоа ја известиле усно обвинителката од Велес, Славица Темелковски, и колегите од СВР Скопје.

-Вие како полицаец, кој констатирал во службена белешка дека недостига пиштол, се решавате да водите управна постапка за одземеното оружје и да го носите во магацин во СВР Велес и покрај тоа што во меѓувреме е пронајден Панче мртов, а покрај него чаура од пиштол? го праша сведокот Палевски, на што овој му одговори дека таков е законот, по извршените претреси и прегледи пиштолот не е пронајден, а понатаму полицијата дејствувала по насоки на Јавното обвинителство. Додека Палевски преку прашањата и одговорите на сведокот пробуваше да ја префрли вината кон неговиот сопартиец обвинетиот Видевски, кој седи последен во редот од судницата, видно се вознемири, а неговиот адвокат го смируваше.

Палевски доби одговор – не се сеќавам, од сведокот и на прашањето како биле облечени лицата кои се возеле во возилото „рено кангу“, фатено на камерите кај хотелот во близина на велешко езеро. Обвинетиот Палевски, кој според обвинението е главен организатор и ликвидатор, за следното рочиште најави уште еден сведок од кој очекува алиби дека за време на убиството на девојчето, чекале во ред во експозитура на Халк банка кај Буњаковец. Како доказ ја приложи трансакцијата во 11:44 часот и побара од судот да ги набави снимките од видеонадзорот на банката од 27-11-2023 во времето на убиството на Ѓорчевска. Обвинителството приговараше бидејќи според нивните снимки од Сејф сити, се гледа дека возилото „рено кангу“ на 27-11 е управувано од Палевски, а во 10 часот веќе се враќа во седиштето на партијата Десна, па тој имал време да оди во банка.

– За нас овој доказ е битен, бидејќи со тоа го докажуваме спротивното од она што го вели јавниот обвинител. Нивниот доказ како возилото се шета по Скопје, без утврдени ликови, не може да биде посилен доказ од тоа дека Палевски во истиот временски период бил во Халк банка. Оттука е невозможно да биде во исто време на две локации. Овој доказ треба да ни биде дозволен, бидејќи е битен за одбраната – побара од судот да го дозволи барањето адвокатот на Палевски, Јовица Страшевски, по што Палевски додаде дека за да стигне од седиштето на партијата до банката му требало половина час.

– Бараме да се обезбедат и снимки од експозитурата на таа банка. Со сведокот Мартин Панчевски, професор во пензија, колку време сме разговарале и сме чекале ред. На таа околност се однесува овој доказ – рече Палевски, а судот му дозволи да се побара снимката од камерата на експозитурата, за периодот од 9 до 12 часот, односно во времето на убиството на девојчето.

Откако Палевски и неговите адвокати ќе завршат со презентирање на материјалните докази, во следните рочишта најавено е да зборуваат обвинетите, се очекува пред јавноста која го следи судењето во судницата на Кривичниот суд да го повторат признанието кое го дале во полициската станица, а по кое обвинителството ги расчисти грозоморните убиства, со мотив дека ги сториле делата од користољубие. Во жртвите според обвинението било пукано од зад, со огнено оружје калибар 9 мм, нанесувајќи им смртоносна повреда во мозокот. Двете тела биле закопани во дупки, на две различни места. (П.А.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ