Комуникацијата, според сведокот Зоран Петковски, кој, инаку, е член на Десна, се избришала за половина час бидејќи така ја креирал Палевски, кој, пак, бил стручњак за електронски комуникации. Сведокот на Палевски пренесе и детали од информативниот разговор во СВР Скопје, тврди дека поседува тајна аудиоснимка на која началникот Драган Зарински му покажува дупка во ѕидот од својата канцеларија направена по „старите“ методи за добивање признание од обвинетиот Боре Видевски
Драматично беше на денешното судење за убиството на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски кога сведок на предлог од одбраната се обиде да му даде алиби на обвинетиот Палевски дека во текот на убиството на девојчето се допишувале преку апликацијата „Телеграм“. Сепак, комуникацијата, според сведокот Зоран Петковски, кој, инаку, е член на Десна, се избришала за половина час бидејќи така ја креирал Палевски, кој, пак, бил стручњак за електронски комуникации. Сведокот на Палевски пренесе и детали од информативниот разговор во СВР Скопје, тврди дека поседува тајна аудиоснимка на која началникот Драган Зарински му покажува дупка во ѕидот од својата канцеларија направена по старите методи за добивање признание од обвинетиот Боре Видевски.
Вака почна фазата во судскиот процес кога одбраната предлага сведоци и материјални докази.
– Имаме стотици материјални докази и неколкумина сведоци – кажа адвокатот, чиј клиент вчера беше видно задоволен.
Палевски ги поткреваше очилата, му даваше ливчиња под рака на адвокатот додека вкрстено го прашуваше нивниот сведок и за разлика од минатите рочишта, не се бунеше. Исказот на сведокот Зоран Петковски неколкупати предизвика воздивнување кај јавноста, која го следи судењето за двојното убиство во големата судница на Кривичниот суд. Се претстави како претседател на комисијата за безбедност во партијата на Палевски, Десна, инаку пензиониран офицер за криминалистичко разузнавање во кумановската полиција. Беше прецизен во одговорите, без треперење на гласот, а во текот на сведочењето се виде и зошто, рече дека целиот свој работен век бил дел од разузнавачкиот систем на МВР и на АРМ. Дојде со цел да ја потврди тезата на Палевски дека во текот на киднапирањето и убиството на Вања, на 27.11.2023 година, бил во електронска комуникација со обвинетиот, иако Обвинителството тврди дека тој е фатен во „рено кангуто“ на снимките од камерите за безбеден град. Зоран Петковски, кој се заколна пред Судот дека ќе ја зборува вистината, тврди дека зборувал со Палевски за набавка на ирански дронови, со трансфер преку Србија.
– Добив задача од Палевски да прибавам информации и да го известам – рече сведокот.
На прашањето од обвинителката дали може некој да го потврди тоа, Петковски ја посочи својата сопруга со која пиел кафе тоа утро бидејќи ѝ било роденден, а била втора смена на работа.
– Дали е точно дека не ја чувате комуникацијата? – праша обвинителката.
– Не, бидејќи каналот за електронска комуникација е креиран од Палевски и половина час по завршувањето се бришат и пишуваното и каналот.
Сведокот објасни дека го знае ова од кажувањето на Палевски, кој, според неговите проценки, е стручњак за електронски комуникации преку Интернет.
Сведочењето доби друга насока.
– Дали е точно дека бевте повикани во ПС Пролет? –праша одбраната, по што сведокот одговори потврдно, но дека тоа бил информативен разговор со началниците на СВР Скопје првично за партијата, но дека подоцна добил друг тек.
Разговорот со началникот Дејан Димевски и неговиот колега Драган Зарински се случил пред една година, во канцеларијата на едниот од нив.
– Искуствено поучен од работниот век во безбедносните структури, пред да влезам во полициската станица, го вклучив телефонот и го снимив целиот разговор – присутните внимателно го слушаа исказот на сведокот.
Разговарале 1 час и 15 минути, прецизно се сеќаваше Петковски, велејќи дека учествувал во изработката на проектот „Сејф сити“, па така разговорот во канцеларијата на началникот Зарински преминал на друга тема, убиствата и обвинетите.
– Ме праша кратко и јасно: „Го познаваш ли Боре?“, мислејќи на обвинетиот Видевски. „Да, го знам“, му одговорив. Ми покажа дупка во ѕидот и ми кажа: „Ете, тоа е од Боре, не смеам да ти го кажува ова, но користевме стари методи за добивање признание“. Мене не ме чуди тоа, но мислам дека Судот треба да го земе предвид тоа – рече сведокот.
Тој продолжи со своите сознанија од полицискиот разговор во канцеларијата на Зарински дека додека го тепале Боре, обвинетиот Влатко Кешишев цело време стоел зад вратата, слушал, влегол и кажал пред инспекторите: „Боре и Вељо, тие ми го донесоа во гепекот од каде што го презедов“, мислејќи на велешанецот Панче Жежовски, рече сведокот. Прашан од обвинителката како изгледала дупката во ѕидот од канцеларијата на началникот, сведокот беше прилично прецизен: „15 сантиметри од крајниот десен агол, од местото на седење на началникот Драган Зарински, со пречник од 10 до 12 сантиметри и видна длабочина во ѕидот“, опиша Петковски.
Претходно, Судот ја одби снимката што ја направил тајно сведокот Зоран Петковски, која, како доказ, ја предложи одбраната на Боре Видевски со образложение дека се докажува тортура со медицински наод наспроти тврдењето на неговиот адвокат дека имал бројни повреди од ќотекот во станица.
– Медицинската документација за повредите на Боре Видевски е приложена. Имам приложено најмалку 10 ургенции во предметот со целосна медицинска документација и најмалку 5 ургенции од кои се гледа дека состојбата на неговиот бубрег е последица на тепањето при изнудувањето признание. Судот го има тоа. Тој имаше многу повреди, меѓу кои и од фрактури на главата – рече адвокатот Бојан Манев по завршување на рочиштето.
Адвокатите на Велибор Манев и на Влатко Кешишев рекоа дека немаат материјални докази за изведување и дека самите обвинети ќе дадат искази. Како докази се изведоа имотни листови и договори за солемнизација, договор за дар на недвижност на малолетните Вања и Миња, потврда од „Фершпед“ за работниот стаж на осомничениот Ѓорчевски. Обвинителката даде приговор за доказите за Александар, нагласувајќи дека договорот за дар не е солемнизиран.
Следното рочиште за судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски е закажано за 5 март. (П. А.)