Палестинците формираа влада на единство за крај на окупацијата

68
EPA-EFE/Kai Foersterling

Различни палестински фракции, вклучувајќи ги Хамас и Фатах, се согласија да ги прекинат поделбите и да го зајакнат националното единство со потпишување на Пекиншката декларација, објавија денеска кинеските државни медиуми. На состанокот во Пекинг, тие постигнаа договор за формирање влада на единство за формирање палестинска држава и ставање крај на окупацијата, пренесоа палестинските медиуми.

Во соопштението објавено на крајот од вчерашниот состанок, претставниците на различните фракции се согласија да формираат привремена влада на национално единство и да ги обединат институциите на Западниот Брег и Газа, да почнат со реконструкција на Појасот Газа и да се подготват за одржување избори што е можно поскоро.

Не е одреден датум за избори и за формирање нова влада, но во соопштението се наведува дека ќе биде одреден распоред, пишува „Тајмс оф Израел“.

Во својата завршна изјава, фракциите „се обврзуваат за формирање независна палестинска држава, со Ерусалим како главен град“ и „дека гарантираат враќање на палестинските бегалци во согласност со Резолуцијата 194“, одлука на ОН од 1948 година. Фракциите понатаму се согласуваат за правото на Палестинците „да се спротивстават и да ја прекинат окупацијата“ во согласност со меѓународното право.

На самитот присуствуваа 14 палестински фракции, меѓу кои и Фатах, која ја предводи Палестинската управа, како и милитантните групи Хамас и Исламски џихад.