Битолската полиција со јавен апел денеска предупреди за потенцијалните опасности од настанување пожари на подрачјата каде што има бујна вегетација.
Од Секторот за односи со јавност на СВР Битола посочуваат дека во периодот што следува ќе се зголеми и раздвиженоста во природата и поради тоа е неопходно одговорно однесување на секој поединец.
– Апелираме до граѓаните да бидат постојано внимателни ако се движат или работат во поле и низ шумите, да не ги палат отпадоците, меѓите и стрништата на нивите и да не фрлаат неизгаснати догорчиња. Покрај ова, им се укажува на оние што ќе престојуваат на излетничките, односно туристичките места во регионот, во текот на викендите, да се воздржат од палење огнови, кои може многу брзо да се прошират и да предизвикаат материјални и други последици. На граѓаните, исто така, им советуваме да не оставаат на отворен простор стаклени шишиња или други предмети, кои, подолго време изложени на сонце, може да предизвикаат пожар – посочуваат од СВР Битола.
СВР Битола предупредува дека предизвикувањето шумски пожар, намерно или од невнимание, претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни поднесоци и за кое е предвидена и затворска казна до осум години, зависно од видот на пожарот и од другите околности и последици.