Пакистанска авиокомпанија на мета на критики: На рекламата авион лета кон Ајфеловата кула/ФОТО

28

Пакистанската национална авиокомпанија предизвика негативни критики откако објави фотографија на која авион лета кон Ајфеловата кула.

Рекламата имаше за цел да го промовира продолжувањето на летовите на Пакистанската интернационална авиокомпанија (ПИА) до француската престолнина и имаше натпис „Париз, пристигнуваме денес“, пишува Би-би-си.

Некои корисници на социјалните мрежи забележаа дека рекламата ги потсетува на терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година. Фотографијата е видена повеќе од 21 милион пати на мрежата X откако беше објавена минатата недела и предизвика многу реакции.

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф нареди истрага за ова прашање, додека вицепремиерот Исхак Дар исто така ја критикуваше рекламата, објавија пакистанските медиуми.

Во нападите на 11 септември, терористите урнаа патнички авиони во кулите близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк и Пентагон во Вашингтон, при што загинаа речиси 3.000 луѓе.
Наводниот организатор на нападот, Калид Шеик Мохамед, беше уапсен во Пакистан во 2003 година.

Осама бин Ладен, водачот на терористичката организација Ал Каеда која ги планираше нападите, беше убиен од американски војници во Пакистан во 2011 година.

Авиокомпанијата сè уште не го коментираше инцидентот, а некои корисници на социјалните мрежи изјавија дека ПИА во 1979 година имала реклама на која се гледа сенката на патнички авион над кулите близначки во Њујорк, јавува Би-Би-Си.

ИЗДВОЕНИ