За разлика од медалистите на Норвешка, Шветска и на Велика Британија, која не добија ниту „денар“ за достигнувањата во Париз, Пакистан и Филипините решија добро да ги наградат своите олимпијци.

Пакистанскиот фрлач на копје, Аршад Надим, ќе биде награден со 250 милиони рупии или со 897.000 долари за освоениот златен медал на Олимписките игри во Париз.

Пакистанскиот премиер, Шехбаз Шариф, на церемонијата во чест на Надим, објави дека ќе му бидат доделени 150 милиони рупии (538.000 долари), додека премиерот на провинцијата Пенџаб, Мерјам Наваз, претходно објави за награда од 100 милиони рупии (359.000 долари).

Наваз му врачи на Надим и клучеви од автомобил со специјална регистарска табличка „ПАК 92,97“, во знак на истрелот на Игрите од 92,97 метри, со кој го собори олимпискиот рекорд.

Фрлачот на копје го освои првиот олимписки златен медал за Пакистан по пауза од 40 години, по машката екипа во хокеј на трева, на Олимпијадата во Лос Анџелес, во 1984 година.

До одлична финансиска награда дојде и филипинскиот гимнастичар Карлос Јуло, кој освои два златни медала на Олимписките игри во Париз. Тој беше пречекан во својата земја како херој, а доби и подароци вредни повеќе од еден милион долари, од претседателот на државата и од бројни донатори.

Филипинската олимписка делегација беше пречекана во Манила од многу обожаватели, како и од претседателот на земјата, Фердинанд Маркос Јуниор, кој им подари на сите олимпијци по еден милион пезоси (17.500 долари), додека Јуло беше единствениот што доби 20 милиони (350.000 долари).

Имаше награди за гимнастичарот и од многу деловни луѓе и компании на Филипините, па тој заработи и трисобен стан во градот Тагуигу. Двете водечки авиокомпании во земјата му ветија дека ќе има бесплатни авиобилети до крајот на животот, додека од компанија за храна доби бесплатен оброк до крајот на животот.