ТАВ Македонија редовно ги поддржува локалните заедници со донации на пакети со прехранбени и хигиенски производи. Овој пат донираше пакети со основни прехранбени и хигиенски производи на 37 социјално загрозени семејства кои живеат во Општина Илинден, каде се наоѓа Меѓународниот Аеродром Скопје.
Оваа активност е дел од заложбата на ТАВ Македонија за позитивно влијание врз локалните заедници каде што работи и дел од традиционалната поддршка од страна на аеродромскиот оператор во хуманитарната иницијатива „Подај рака“ на Општина Илинден, која се реализира со помош на Црвениот крст.
– Горд сум што учеството на ТАВ Аеродроми во оваа хуманитарна активност иницирана од Општина Илинден и поддржана од Црвениот крст стана наша традиција. Како општествено одговорна компанија, ја препознаваме важноста да застанеме заедно и да ги поддржуваме семејствата во социјален ризик, а преку ваквите донации ги поддржуваме локалните заедници каде што работиме. Овие активности ги одразуваат нашите напори за корпоративна општествена одговорност и ја нагласуваат нашата поширока мисија да работиме одговорно и позитивно да придонесуваме за општеството – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Курт, заедно со вработени од скопскиот аеродром ги предаде пакетите на градоначалникот на Општина Илинден, Александар Ѓорѓиевски и на претставниците на Црвениот крст. Волонтерите на Црвениот крст ќе ги достават пакетите до домовите на семејствата во социјален ризик.