Поддршката за претседателот Доналд Трамп падна на најниско ниво од неговото враќање во Белата куќа, бидејќи Американците покажаа знаци на претпазливост поради неговите напори да ја прошири својата моќ, покажа анкетата на Ројтерс/Ипсос која заврши вчера.
Околу 42 отсто од испитаниците во шестдневната анкета го одобруваат работењето на Трамп како претседател, што е пад во однос на 43 проценти во анкетата на Ројтерс/Ипсос спроведена три недели претходно и во однос на 47 отсто во часовите по неговата инаугурација на 20 јануари.
Почетокот на мандатот на Трамп ги изненади неговите политички противници бидејќи потпиша десетици извршни наредби со кои го проширува своето влијание врз владините агенции и врз приватните институции, како што се универзитетите и адвокатските фирми.
Иако рејтингот на Трамп останува повисок од оној што го имаше неговиот демократски претходник во текот на поголемиот дел од претседателскиот мандат, резултатите од анкетата на Ројтерс/Ипсос сугерираат дека многу Американци не се чувствуваат удобно поради неговото казнување на универзитетите кои ги смета за премногу либерални и поставувањето на челник на Кенеди Центарот, голема театарска и културна институција во Вашингтон.
Околу 83 проценти од 4.306 испитаници изјавиле дека американскиот претседател мора да ги почитува одлуките на федералниот суд, дури и ако не сака. Службениците на администрацијата на Трамп би можеле да се соочат со обвиненија за непочитување на судот поради кршење на налог на федерален судија со кој се запираат депортациите на наводни членови на венецуелска банда кои немале можност да ја оспорат својата депортација.
Педесет и седум проценти – вклучувајќи една третина републиканци – не се согласиле со изјавата дека е „во ред американскиот претседател да ускрати финансирање на универзитетите ако не се согласува со начинот на кој се води универзитетот“.
Трамп, кој тврди дека универзитетите не успеваат да се борат против антисемитизмот на кампусите, замрзна огромни суми федерални пари наменети за американските универзитети, вклучувајќи повеќе од две милијарди долари само за Харвард.
Сличен дел од испитаниците, 66 проценти, изјавиле дека не мислат дека претседателот треба да контролира водечки културни институции, како што се националните музеи и театри. Трамп минатиот месец му нареди на Смитсонијан, огромен музејски и истражувачки комплекс кој е водечки изложбен простор за американската историја и култура, да отстрани „непримерна“ идеологија.
Во низа прашања, од инфлација и имиграција до оданочување и владеење на правото, анкетата на Ројтерс/Ипсос покажа дека бројот на Американци кои не ги одобруваат потезите на Трамп го надмина бројот на оние кои го поддржаа по секое прашање во анкетата. Што се однесува до прашањето за имиграцијата, 45 отсто од испитаниците ги одобруваа потезите на Трамп, но 46 проценти не.
Анкетата имаше маргина на грешка од околу два процентни поени.
Околу 59 проценти од испитаниците, вклучувајќи една третина републиканци, изјавиле дека Америка губи кредибилитет на глобалната сцена.
Три четвртини од испитаниците изјавиле дека Трамп не треба да се кандидира за трет мандат, пат по кој Трамп рече дека би сакал да оди, иако тоа му е забрането со американскиот Устав. Мнозинството републикански испитаници, 53 проценти, изјавиле дека Трамп не треба да се кандидира за трет мандат.