Најавата на „Аптив“ да го затвори погонот во Скопје, а „Џонсон Мети“ да го намали бројот на вработени поради кризата во Германија, каде што извезуваат инвеститорите, предизвикува загриженост кај универзитетскиот професор Ванчо Узунов, кој смета дека може да се прелее бранот и кај другите странски и домашни извозници.
Виктор Мизо, генерален менаџер на „Костал Македонија“ ДОО Охрид, смета дека големата концентрација на автомобилската индустрија не е добра за државата. – Автомобилската индустрија од 2019 година е во криза, која ќе продолжи и натаму. Затоа мора да се размислува за тоа како да направат компаниите што се веќе присутни кај нас, промена во своите активности – вели Мизо
Најголем дел од извозот на земјава, кој лани изнесуваше 7,78 милијарди евра, беше претставен со катализатори за автомобили што се произведуваат во слободните индустриски зони. Споредено со 2023 година, бележи пад од 6,5 проценти.
Ова значително намалување на извозот во 2024 година се должи на намалувањето на извозот на странските фабрики во земјата што произведуваат компоненти за автомобилската индустрија, како резултат на намалувањето на производството на автомобили во европските земји, главно во Германија, која ѝ е најголем трговски партнер на нашата земја.
Неколку странски компании што произведуваат автомобилски делови и работат во Македонија, главно, ги извезуваат во Европа. Една од нив е ирско-американската компанија „Аптив“, која во 2016 година отвори фабрика во ТИРЗ Бунарџик крај Скопје и вработува приближно 500 работници. Оттаму објавија дека го затвораат погонот и ќе го пренесат своето производство од Скопје во Португалија и во Полска. За вработените е изготвен план за поддршка, кој ќе се реализира според македонските закони.
И од британскиот „Џонсон Мети“, кој е најголем извозник од Македонија, потврдија дека ќе го намалат бројот на работни позиции во своите погони во земјава, поради глобалните случувања на автомобилскиот пазар.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека бил информиран за заминувањето на „Аптив“ и за планот на „Џонсон Мети“ за намалување на бројот на вработени. Рече дека е запознаен со проблемите на странските компании, кои, главно, се настанати поради кризата во Германија, каде што извезуваат инвеститорите.
– Преговараме со дел од инвеститорите што се заинтересирани да инвестираат и многу брзо од денес ќе се надмине овој процес, така што јас сум повеќе загрижен дали ќе имаме доволно работна сила за сите оние инвестиции што се во процес на инвестирање – рече Мицкоски.
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов, во телевизиско интервју, рече дека ова е само почеток на она што не треба да се случи во автомобилската индустрија и е загрижен за она што следува.
– Она што ме плаши повеќе, уште повеќе од ова како да не е доволно лошо, што мислам дека работите може лесно да се префрлат и на други сектори, а не само на автомобилска индустрија и не само на странските директни инвестиции во зоните, туку и на други фирми што не се во зоните, странски и домашни, кои се извозници во држави членки на ЕУ – изјави Узунов.
Од Советот за странски инвестиции неодамна предупредија дека се продлабочува кризата во Германија и дека ќе влијае на компаниите што работат тука. Виктор Мизо, генерален менаџер на „Костал Македонија“ ДОО Охрид, германска компанија за производство на делови и на компоненти за автомобилската индустрија, како и претседател на Советот за странски инвеститори и на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство, неодамна, во поткастот „Бизнис-клуб“ со претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, изјави дека големата концентрација на автомобилската индустрија не е добра за државата.
– Автомобилската индустрија од 2019 година е во криза, која ќе продолжи и натаму. Затоа мора да се размислува за тоа како да направат компаниите што се веќе присутни кај нас, промена во своите активности и наместо трудо интензивни, да станат капитално интензивни компании, со зголемена додадена вредност и да успеат со истите ресурси и со помал број луѓе, но со развиена технологија, автоматизација, роботика и дигитализација, што не е лесен процес – изјави Виктор Мизо.
(С.Бл.)