Во јануари, според податоците на Народната банка, просечната каматна стапка на вкупните кредити била намалена на месечно и на годишно ниво и изнесувала 5,21 %. Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесувала 2,18 % и била зголемена на месечна и на годишна основа.

Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата минатиот месец изнесувала 5,55 % и била намалена за 0,08 процентни поени, додека на кредитите одобрени во јануари таа изнесувала 4,76 % и била зголемена за 0,29 процентни поени. А, пак, каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата во јануари изнесувала 2,11 % и забележала месечен раст од 0,01 процентен поен, додека на новопримените депозити таа забележала пад од 0,37 процентни поени и изнесуваала 2,46 %.

Што се однесува за кредитирањето на корпоративниот сектор во јануари, просечната каматна стапка на вкупните кредити во овој сектор била 4,85 % и била пониска за 0,11 процентни поени. Кај новоодобрените кредити, пак, во јануари каматата била зголемена за 0,26 процентни поени и изнесувала 4,65 %.

Во јануари, просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор била непроменета на месечна основа и изнесувала 2,69 %, но затоа кај депозитите примени во јануари било забележано зголемување на каматната стапка од 0,03 процентни поени и изнесувала 2,56 %.

Од Народната банка информираа и дека на крајот од декември 2024, девизните резерви на земјава достигнале историски максимум од 5,029 милијарди евра, со повеќе од 60 % вложени во хартии од вредност, главно државни обврзници од еврозоната.

– Макроекономската состојба кај нас е во согласност со октомвриските проекции, со годишен раст на БДП од 3 % во третиот квартал од 2024 година и показатели за продолжен раст во четвртиот квартал. Просечната годишна стапка на инфлацијата во 2024 година изнесувала 3,5 % и целосно е во согласност со последните проекции на Народната банка. Сепак, неизвесноста во однос на идната динамика на инфлацијата и натаму постои, а е поврзана со цените на примарните производи, поради геополитичките и климатските фактори, како и поради одредени фактори од домашен карактер, кои може да влијаат на агрегатната побарувачка – истакнаа од НБ.

ИЗДВОЕНИ