Коалицијата од 18 држави предводени од демократите, заедно со округот Колумбија и градот Сан Франциско, ја тужи администрацијата на Доналд Трамп поради тоа што сака да го прекине автоматското државјанство за децата родени во САД од илегални имигранти.
Наредбата на Трамп, како што е наведено, „се залага да се одбие државјанството на децата на мигрантите кои се во САД илегално или со привремени визи“, пренесуваат агенциите.
Регулативата нема да се применува ретроактивно.
Демократската коалиција тврди дека наредбата на Трамп го прекршува Уставот на САД. Во 14-тиот амандман се вели: „Сите лица родени или натурализирани во Соединетите Американски Држави и кои се предмет на нивна јурисдикција, се државјани на Соединетите Американски Држави и на државата во која живеат“.
Трамп во извршната наредба нагласува дека уставот е погрешно протолкуван, тврдејќи дека „под нивна јурисдикција“ важи само за деца на граѓани или законски постојани жители.
Државите кои ја сочинуваат коалицијата се Њујорк, Калифорнија, Колорадо, Конектикат, Делавер, Хаваи, Мејн, Мериленд, Масачусетс, Мичиген, Минесота, Невада, Њу Џерси, Њу Мексико, Северна Каролина, Род Ајленд, Вермонт и Висконсин.