Раде Трајковски-Штекли е уапсен на 18 јануари, под сомнение за организирање мрежа за трговија со дрога. Тој е осомничен за водење група од над десет члена, кои се занимавале со растурање дрога низ Скопје. Според МВР, во тек е акција за пронаоѓање на другите членови на групата, која, според медиумите, е поврзана со картелот Беланоца. Трајковски беше жртва на три обиди за убиство, кои се поврзуваа во јавноста со неговата криминална активност
Падна Раде Трајковски викан Штекли, во голема полициска акција за разбивање криминална банда што растурала дрога низ Скопје. Специјални полициски единици викендов извршија претрес на повеќе локации во главниот град и во Гевгелија. Според првичните информации, Трајковски бил уапсен во близина на хотел во околината на Гевгелија, при обид за бегство. Истрагата, според информациите, опфаќа и еден полициски службеник, кој бил шпион на наркокланот. При претресите, пронајдени се и одземени се 325.000 денари, 3.995 евра, четири автомобили, 12 мобилни телефони, еден пиштол марка „зораки“ 9 мм, 22 куршуми, пет дигитални ваги, неутврдена количина бела прашкаста материја, пластична мешалка, метална лажичка за дозирање, фолија за пакување, две дробилки, еден видеорекордер, едно УСБ, а предметите ќе бидат дел од доказите против наркогрупата. Од МВР информираат дека била разбиена 14-члена организирана криминална група од Скопје.
– Криминалната група подолг временски период беше инволвирана во вршење кривични дела од областа на недозволената трговија со дрога. Основаните сомневања се дека организаторот на криминалната група, преку нејзините припадници, вршел дистрибуција и улична продажба на наркотична дрога директно до корисниците. Извршени се претреси кај 16 лица, на вкупно 21 локации на подрачјето на Скопје и на Гевгелија. При претресите, пронајдени се и одземени се поголем број разни предмети за кои ќе биде извршено форензичко вештачење.
Полицијата им поднесе кривични пријави за трговија со дрога на 14 осомничени, 10 се приведени, а судот на предлог на Јавниот обвинител одлучува за мерката притвор, тројца се во бегство.
Раде Трајковски се поврзуваше во јавноста дека ѝ е соработник на криминалната банда Беланоца, која беше разбиена кон крајот на минатата година, по неколкумесечна операција на Бирото за јавна безбедност. На средината од ноември, во дворот на куќата на Раде Трајковски-Штекли, во скопската населба Ќерамидница, имаше експлозија на бомба од која тој се извлече жив и помина со полесни повреди. Тоа беше трет неуспешен обид за ликвидација на Трајковски, кој се поврзува во јавноста со еден од клановите на скопското подземје што го контролираат бизнисот со дрога. Претходните два напади врз него се случија во трговскиот центар „Ист гејт“. При првиот, во гаражата на трговскиот објект, непознато лице пукаше во Штекли од возило во движење. Вториот пат беше пукано во него кога се возел по ескалатор кон подземните гаражи, и тогаш помина со полесни повреди. Се претпоставува дека станува збор за напади што се дел од престрелките за одмазда меѓу скопските криминални групи.
Во судското досие, Трајковски има две пресуди, едната е шестмесечна затворска казна за тешки телесни повреди и насилство, поради која беше екстрадиран лани во февруари, а втората пресуда е за насилство извршено пред десетина години, кога му беше изречена двегодишна затворска казна. Откако ја доиздржа полугодишната затворска казна, тој бараше повторување на судската постапка и во април 2023 година доби условна казна. На последната полициска акција во која беше уапсен Трајковски заедно со десетина соработници, ѝ претходеше операцијата на МВР во која беа уапсени припадници на озогласената криминална група Беланоца-Барон, на која ѝ се припишуваат неколку ликвидации и обиди за убиства од минатото. Полицијата веќе поднесе кривични пријави и против свои вработени, кои за пари издавале тајни информации за планирани акции или сведоци. Слободата што ја уживаа членовите на скопското подземје одеше дотаму што тие често беа активни на социјалните мрежи, па дури најавуваа и ликвидации на „Тик-ток“. (П.А.)