Задоволувачки е трендот на ажурирањето на телефонските броеви на пациентите со што ќе се подигне степенот на искористувањето на системот „Мој термин“. Ова вчера за ВЕЧЕР го изјави Фикрет Шабани, директорот на Управата за електронско здравство, откако неодамна беше постигнат договор со матичните лекари, тој процес да се одложи до 3 април.
-Веќе се регистрирани задоволувачки трендови на ажурирањето на телефонските броеви на пациентите. Валидните броеви со кои ќе се комуницира со пациентите се внесуваат од страна на матичните лекари, стоматолози, гинеколози, како и од страна на самите пациенти преку системот „Мое здравје“. Често и родителите на мали деца сега ги ажурираат броевите. Со тоа добиваме активни телефони преку кои може да се комуницира со пациентите и тие да се потсетуваат дека имаат закажан преглед преку системот „Мој термин“, дека имаат скрининг или слично. Тоа е сè со цел да не пропаѓаат закажаните термини – објаснува Шабани.
Тој додава дека по истекот на рокот на 3 април ќе се види што понатаму, односно, дали стриктно ќе се примени обврската за верификација или рокот за ова повторно ќе биде продолжен со цел до крајот на годината сите пациенти да имаат активни телефонски броеви за комуникација со лекарите.
-Закажаните термини мора да се користат подобро. И натаму имаме ситуации во кои тие пропаѓаат и со што опремата по клиниките стои неискористена. А тоа никому не му е во интерес – наведува Шабани.
Ажурирањето на телефонските броеви беше предвидено да стартува на 3 март и без што практично беше оневозможено да се издаваат упати и рецепти на пациенти. Но, по протестот на матичните лекари рокот за ажурирање беше продолжен. (Б.Ѓ.)