За еден месец е одложена измената на системот „Мој термин“ што предвидува ажурирање на телефонските броеви на пациентите за да може да бидат прегледувани и за да им се издаваат упати и рецепти. Така, наместо од денес, 3 март, целосната примена на овој систем ќе почне на 3 април. Дотогаш, сите пациенти што имаат неажурирани телефонски броеви ќе треба да се погрижат да биде запишан важечкиот телефонски број во податоците за нив кај матичните лекари.
Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни матични лекари, ни изјави дека постигнале ваков договор по средбата со претставниците на Управата за електронско здравство одржана во петокот.
– Наидовме на разбирање околу тоа дека матичните лекари не може да вршат и ажурирање на телефонските броеви на пациентите и да вршат верификации, што им одзема од времето што треба да му го посветат на лекувањето на пациентите. Сега има време да се стори тоа за оние пациенти што немаат ажурирани броеви – вели Чолакова-Дервишова за ВЕЧЕР.
Таа додава дека Управата за електронско здравство треба да даде инструкции до граѓаните како најлесно да го направат ажурирањето.
– Најлесен начин е да се направи тоа со преземањето на апликацијата „Мое здравје“ од страна на пациентите, каде што може да се изврши ажурирањето потоа – објаснува таа.
Матичните лекари се на ставот дека не треба да вршат ажурирање на телефонските броеви на пациентите бидејќи им одзема многу време. Проблем е и што не е доволно само еднаш да се ажурира бројот, туку за секоја нова болест или третман на пациентот. Од друга страна, проблем е и што многу граѓани не знаат сами да го извршат ажурирањето, од причина што не знаат да ги користат можностите на мобилните телефони.
Управата за електронско здравство ја воведе опцијата за верификација на телефонскиот број на пациентите со цел да се подобри достапноста на здравствените услуги за пациентите преку системот „Мој Термин“. Верификацијата е еднократен процес, кој има цел подобрување на комуникацијата со пациентите.
Системот предвидува исклучоци, односно без верификација може да се прегледуваат итните случаи. Децата и изнемоштените лица може да бидат верификувани преку друго лице, еден телефонски број за повеќе пациенти. (Б. Ѓ.)