Сè повеќе светски авиокомпании воведуваат строги ограничувања кога станува збор за носење надворешни батерии во авионот. Ова се случи по серија инциденти и пожари предизвикани од литиум-јонски батерии, а безбедноста стана многу ранлива, пренесува Euronews.
Иако надворешните батерии често се незаменлив дел од багажот на патниците, тие сега претставуваат „скриен ризик“, а компаниите одлучија да ги променат своите правила.
Зошто надворешните батерии се опасни?
Имено, литиум-јонските батерии, кои ги напојуваат повеќето надворешни полначи, се многу ризични доколку се оштетени или неисправни. Во услови на притисок и надморска височина за време на летот, нивната нестабилност може да доведе до прегревање, палење, па дури и експлозија.
„Неисправна надворешна батерија може да се прегрее, да се запали или дури и да експлодира, што е особено опасно во затворениот простор на авионот“, рече Колин Пирсон, консултант за патувања, во изјава за Euronews.
Поради овие ризици, Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) препорачува овие полначи да се ставаат исклучиво во рачниот багаж и нивниот капацитет да не надминува 100 ват часови без дополнителни дозволи.
„Веќе не станува збор само за непријатности. Безбедноста на сите патници и членови на екипажот во авионот е примарна грижа, а дури и еден инцидент може да има далекусежни последици“, објасни Пирсан за Euronews.
Компаниите како Qantas и Emirates беа меѓу првите кои воведоа построги правила, додека Singapore Airlines и Cathay Pacific отидоа чекор подалеку и целосно го забранија користењето и полнењето на надворешни батерии во лет.
Правила за надворешни батерии
Патниците можат да понесат со себе надворешна батерија со капацитет до 100 ват часови и не мора никого да информираат за тоа.
Батериите со капацитет од 100 до 160 ват часови може да се носат со одобрение од авиокомпанија.
Забранети се батерии со капацитет поголем од 160 ват часови.